Собранискиот спикер и новоименуваниот евроамбасадор во земјава изразиле очекување дека по европските избори институциите на ЕУ ќе ја задржат позитивната нота во однос на проширувањето со земјите од Западен Балкан, но се осврнале и на потребата од продолжување на реформите и исполнување на домашните задачи
Собранието е силно посветено на спроведување на реформите, особено во делот на усогласувањето со европското законодавство и јакнењето на надзорната улога, порачал собранискиот спикер Африм Гаши на првата средба со новоименуваниот евроамбасадор во земјава, Михалис Рокас.
Меѓу другото, Гаши изразил подготвеност и за јакнење и внесување на нова динамика во соработката и комуникацијата меѓу македонското Собрание и Европскиот парламент. Во овој контекст ја нагласил важноста на процесот „Жан Моне“ од кој произлегоа Етичкиот кодекс и новиот Деловник.
Гаши и Рокас изразиле очекување дека по европските избори институциите на ЕУ ќе ја задржат позитивната нота во однос на проширувањето со земјите од Западен Балкан, но се осврнале и на потребата од продолжување на реформите и исполнување на домашните задачи со цел исполнување на критериумите за членство.
„На средбата беа разменети мислења и за потребата од јакнење на политичкиот дијалог во земјава, со оглед на заедничката цел за евроинтеграција, како стратешка определба на земјата“,
информираат од Собранието.
Евроамбасадорот Рокас истакнал дека неговата цел е да ѝ помогне на земјава да направи видливи чекори во оваа фаза од процесот на интеграција во ЕУ. Го посочил и значењето на Планот за раст за Западен Балкан, како можност за јакнење на капацитетите за членство во ЕУ на земјите од регионот.