Северна Македонија се воздржа од гласање за резолуцијата, заедно со Велика Британија, Германија, Италија, Холандија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Данска, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Словачка, Литванија, Украина, Србија, Албанија, Канада, Индија, Австралија и други земји
Генералното собрание на ОН денеска со големо мнозинство ја поддржа необврзувачката палестинска резолуција со која се бара Израел да го прекине своето „незаконско присуство“ во Газа и окупираниот Западен Брег во рок од една година.
За резолуцијата гласаа 124 од 193 членки на светската организација, 14 беа против, a 43 беа воздржани.
Резолуцијата го поздравува советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата, кој во јули, израелската окупација на палестинските територии и населби ја нарече нелегална и побара повлекување на Тел Авив.
Таа е првиот официјален документ поднесен од палестинската управа откако овој месец ѝ беа доделени дополнителни права и привилегии, вклучително и место меѓу членовите на ОН во собраниската сала и право да предлагаат нацрт-резолуции.
Во резолуцијата се бара и повлекување на сите израелски сили и евакуација на еврејските доселеници од окупираните палестински територии „без одлагање“.
Амбасадорот на Израел во ОН Дани Данон, ја означи резолуцијата како „обид да се уништи Израел преку дипломатски тероризам“. Според него, во неа не се спомнуваат злосторствата на Хамас и се игнорира вистината, се искривуваат фактите, а реалноста се заменува со фикција.
Северна Македонија се воздржа од гласање за резолуцијата, заедно со Велика Британија, Германија, Италија, Холандија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Данска, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Словачка, Литванија, Украина, Србија, Албанија, Канада, Индија, Австралија и други земји.
Против гласаа САД, Израел, Чешка, Унгарија, Аргентина и други земји.
Во војната на Блискиот Исток во 1967 година, Израел го окупираше Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим, области на историската Палестина кои Палестинците ги сакаат како дел од нивната држава, и оттогаш тој гради населби на Западниот Брег и полека ги проширува.
Војната во Појасот Газа започна на 7 октомври 2023 година, кога напаѓачите на Хамас упаднаа во израелските населби, убивајќи околу 1 200 луѓе и зедоа 250 заложници, според израелските податоци.
Оттогаш, израелската армија срамни големи делови од палестинската енклава и го протера речиси целото население од 2,3 милиони луѓе од своите домови, убивајќи повеќе од 41 000 луѓе, според палестинските здравствени власти.