Германците подобри од Грците (видео)

Германија е вториот полуфиналист на ЕВРО 2012 откако избраниците на Јоаким Лев вечерва ја оправдаа улогата на фаворит и ѝ одржаа лекција на репрезентативците на Грција и со триумф од 4-2 си го осигураа местото меѓу четирите фудбалски велесили на стариот континент.

Селекторот Јоаким Лев целосно ја смени навалната линија решавајќи се за триото Ширле – Ројс – Клосе наместо вообичаените Подолски – Милер – Гомез од првата фаза од шампионатот. Сепак, оние што добија можност ги покажаа своите квалитети, Клосе и Ројс со погодоци се заблагодарија на довербата, предводејќи го својот тим до триумф над незгодниот противник.

Дуелот почна со апсолутна доминација на Германците, кои беа далеку подобар противник добивајќи ги дуелите на сите делови од теренот. Грците имаа доста среќа кога ударите на Клосе, Ројс и Озил не завршија во мрежата, но очекуваниот прв гол падна во финишот од првото полувреме, кога капитенот Филип Лам постигна прекрасен погодок од дваесетина метри, затресувајќи ја мрежата на слабиот Сифакис.

Второто полувреме донесе и целосна промена во формацијата на Грција, откако селекторот Сантош го уфрли во игра Гекас на местото на Нинис. Германците делуваа индолентно, незаинтересирано за напад, а за таквиот пристап беа казнети кога Ширле загуби една топка на половината на противникот, Грците експресно организираа противнапад преку Салпингидис, а Самарас се снајде подобро од Боатенг и го совлада Мануел Нојер.

Прочитајте и:  Фолксваген сака да затвори три фабрики во Германија, десетици илјади луѓе ќе останат на улица

{youtube}ejpyYAM62ZY{/youtube}

Грците се понадеваа дека овој погодок ќе претставува најава за чудо, но времето покажа дека со тоа само го налутија големиот ривал. Во преостанатите триесетина минути можеше да се проследи целосна доминација на германските репрезентативци, кои експресно се вратија во ритам и преку Кедира стигнаа до водство од 2-1.

Следеше гол со глава на ветеранот Клосе по непотребното истрчување на грчкиот голман, пред Марко Ројс со фантастичен волеј-удар да ги разреши буквално сите дилеми околу победникот. Во финишот Озил пропушти уште две шанси да се запише во листата на стрелци и да го постигне петтиот погодок за својата селекција, пред Салпингидис од пенал да ги постави конечните 4-2, откако Боатенг играше со рака во сопствениот шеснаесетник.

Така, не се остварија надежите на грчкиот национален тим дека би можело да се направи ново чудо слично на она од ЕП 2004. Германците ја продолжија серијата на непобедливост во дуелите со нашиот јужен сосед, но и на четвртфиналните дуели од европските шампионати во кои што оваа селекција редовно слави и се пласира во полуфиналето. Следен противник на Германија ќе биде подобриот од последниот четвртфинален дуел помеѓу Англија и Италија.

- Реклама -