Германија ја повика Србија на деескалација

Германската Влада ја повика Србија да ја деескалира ситуацијата на границата со Косово.

„Не смее да има понатамошна ескалација меѓу Србија и Косово. Важно е Србија веднаш да ја намали бројноста на своите војници на границата“, се вели во соопштението на германското Министерство за надворешни работи.

Истовремено, се нагласува дека Берлин и неговите партнери се во „интензивен контакт со сите страни“.

„Политичкиот процес мора итно да продолжи“, се заклучува во соопштението, алудирајќи на преговорите меѓу Белград и Приштина за иднината на односите.

Тензиите меѓу двете земји се зголемија откако минатата недела косовската полиција се судри со 30 тешко вооружени Срби кои упаднаа во косовското село Бањска и се забарикадираа во српскиот православен манастир. Убиени се тројца напаѓачи и еден полицаец.

Прочитајте и:  Германија прави попис на бункери и засолништа во случај на руски напад, ги охрабрува и граѓаните да си направат и свои

Во петокот, известувачот на владејачката германска Либерално-демократска партија (ФДП) за Западен Балкан, Томас Хакер, побара од Белград брзо да ги изведе одговорните пред суд.

Во исто време, претседателот на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД), Тимо Крупала, беше во Белград и ги поддржа идеите на српскиот политички врв за враќање на Косово во територијалниот состав на Србија.

За време на разговорите се покажа дека е изводливо решението според кое регионот на Косово би останал во составот на Србија, изјави Крупала.

АфД, која забележа драстично зголемување на популарноста во последните месеци и се етаблира како втора најпопуларна партија во земјата во анкетите на јавното мислење, секогаш се противеше на признавањето на независноста на Косово.

МИА

- Реклама -