Германија ја прекинува соработката со Приштина во неколку области поради тензиите во северно Косово

Фото: Архива

Амбасадата на Германија во Приштина потврди за Радио слободна Европа дека привремено ја прекинува соработката со Косово во неколку области поради неисполнување на барањата на ЕУ за намалување на тензиите во северниот дел од државата.

Со таа мерка, за која од Амбасадата велат дека е преземена согласно дејствијата на официјален Брисел, не се опфатени проектите со граѓанскиот сектор, како и оние проекти чија реализација е веќе започната.

„Мерките опфаќаат одлагање на владини консултации за соработка за развој, откажување на планирано билатерално партнерство околу климата и на предавањето специфична опрема за понудувачите на безбедносни услуги“, се наведува во одговорот на Амбасадата на Германија.

На крајот на јуни ЕУ објави дека вовела привремени казнени мерки кон Косово, поради тоа што Владата на Албин Курти не ги презеде мерките кои ги побара европскиот блок за деескалација на состојбата на север.

Прочитајте и:  На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Во тој дел од Косово, населен со мнозинско српско население, настанаа тензии од крајот на мај годинава, кога новите градоначалници Албанци во тамошните четири општини влегоа во општинските згради со помош на полициски специјалци, наспроти отпорот и протестите на српското население.

ЕУ ја суспендира работата на сите работни групи за Договорот за стабилизација и асоцијација, како и поканите за учество на Косово на средби на високо ниво.

Како од ЕУ, така и од Германија, нагласуваат дека тие мерки се привремени и дека можат да се укинат доколку Владата на Курти ги преземе бараните дејствија за смирување на ситуацијата.

МИА

- Реклама -