Германија негира дека го помага геноцидот во Појасот Газа

Германија негира дека со продажбата на оружје за Израел го помага геноцидот во Појасот Газа. Демантот уследи откако вчера пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг (МСП) почна дебата за тврдењето на Никарагва дека Германија му помага на Израел да изврши геноцид во енклавата.

– Германија прави сè што е во нејзина моќ за да им помогне и на израелскиот и на палестинскиот народ и е единствениот најголем донатор на хуманитарна помош за Палестинците, истакна правната советничка на германското Министерство за надворешни работи, Тања фон Услар-Глајхен.

Таа истакна дека безбедноста на Израел е приоритет за Германија, поради историските околности и германското нацистичко минато.

– Германија научи од своето минато, минато кое вклучува одговорност за едно од најстрашните злосторства во историјата на човештвото, Шоа, наведе Услар-Глајхен користејќи го хебрејскиот збор за холокаустот.

Амбасадорот на Никарагва, Карлос Хозе Аргуело Гомез пред Судот истакна дека Германија ја продолжува својата воена поддршка за Израел, иако е свесна дека израелските прекршувања може да претставуваат чин на геноцид.

– Случајот пред нас вклучува важни настани кои влијаат на животите и благосостојбата на стотици илјади луѓе, па дури и на уништување на цела нација. Сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право и другите императивни норми на меѓународното право, вклучително и геноцид, наведе Гомез.

Тој додаде дека Германија како потписничка на Конвенцијата за геноцид од 1948 година „мора да ги почитува своите обврски и да престане да испраќа оружје и воен материјал во Израел“.

– Никарагва бара од Судот да и нареди на Германија да престане да го поддржува Израел во неговата кампања за уништување на палестинскиот народ, посочи Гомез.

Тој побара од МСП „да преземе привремени мерки против Германија и нејзината вмешаност во можниот тековен геноцид во Газа“.

– Германија мора веднаш да ја прекине помошта за Израел, особено воената помош, извозот на воена опрема и воено оружје. Германија мора веднаш да се погрижи воената опрема или оружјето и другата опрема што се користи за воени цели, а кои веќе му се испорачани на Израел, да не се користат за извршување или олеснување на сериозни прекршувања на Конвенцијата за геноцид, посочи Гомез.

Прочитајте и:  Економисти: Доаѓањето на Трамп на власт негативно ќе влијае врз економиите на Европа и Германија

Берлин е еден од најсилните поддржувачи на израелската воена офанзива во Газа, и покрај зголемениот притисок на јавноста. Германија одобри извоз на оружје за Израел во вредност од 326,5 милиони евра во 2023 година, од кои повеќето беа одобрени по 7 октомври 2023 година, што е десеткратно зголемување во однос на 2022 година.

Израел уби повеќе од 33.000 луѓе во нападите врз Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година.

Кон крајот на 2023 година, Јужна Африка поднесе жалба до МСП, обвинувајќи го Израел дека не ги исполнил своите обврски од Конвенцијата за геноцид. Судот на Обединетите нации во јануари донесе привремена одлука дека тврдењата на Јужна Африка се убедливи.

Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Себастијан Фишер пред вчерашното сослушување ги отфрли обвинувањата на Никарагва.

– Германија не ја прекрши ниту Конвенцијата за геноцид, ниту меѓународното хуманитарно право и тоа целосно ќе го докажеме пред Меѓународниот суд на правдата, изјави Фишер.

Судските одлуки се обврзувачки, но немаат механизам за извршување. На пример, МСП и нареди на Русија да ја запре инвазијата врз Украина, но безуспешно.

Никарагва побара пет привремени мерки, вклучително и Германија „веднаш да ја прекине помошта за Израел, особено воената помош вклучително и воена опрема“.

Исто така, го повикува судот да и наложи на Германија да ја „поништи својата одлука да го прекине финансирањето на УНРВА“. Германија во јануари соопшти дека го стопира финансирањето во очекување на истрага за израелските наводи дека неколку членови на персоналот на УНРВА биле вмешани во терористичкиот напад на 7 октомври.

- Реклама -