Развиените земји преку своите научни институти одамна предвидуваат дека пандемија, слична на актуелната со коронавирусот, е прашање на време. Една германска студија од 2012 година тоа го прави со неверојатна прецизност, пренесува „Дојче веле“.
На 3 јануари 2013 година германската сојузна влада до парламентот-Бундестагот доставува експертски извештај изработен од научници на Роберт Кох институтот и други институции, во кој се развиваат можни сценарија за пандемија со нов коронавирус, сличен на оној на Сарс. Овој извештај, или поточно анализа на ризик, е основа за политички одлуки во случај на таква појава.
Она што во тој извештај го предвидуваат научниците, деновиве, со избивањето на пандемијата на Ковид-19, со минимални разлики го преживува целиот свет.
Повод за извештајот е случај од летото 2012 година, кога во светот се откриени шест пациенти со нов, дотогаш непознат, коронавирус, кој не бил директно поврзан со коронавирусите од семејството Сарс-КоВ, каков што имаме денес. Двајца од шестмината пациенти заразени со овој нов вирус во 2012 година починале. Единствениот пациент кој бил третиран во Германија- преживеал. Карактеристика на овој вирус била што тешко се пренесувал од човек на човек, па и ризикот од поширока епидемија бил мал. Но, случајот бил повод научниците да развијат сценарио со поопасна варијанта на тој вирус, кој брзо би се пренесувал од човек на човек. Го нарекле Моди-Сарс-Вирус, или модифицирана верзија на Сарс-КоВ. Во случајот Моди-Сарс е хипотеза, но со реални својства.
Потекло на вирусот
Во 2012 научниците ја даваат следната прогноза за потеклото на вирусот:
„Вирусот ќе потекне од Југоисточна Азија, каде од диви животни ќе се пренесе врз луѓе на пазарите. Бидејќи животните не се разболуваат, ризикот од инфекција нема да биде препознаен. Ваквите синџири на инфекција кои се предизвикани од зоонотски пренос можат да се следат само ретроспективно, но и тоа не успева во сите случаи“.
Периодот на инкубација на овој вирус, од пренесувањето врз човек до првите симптоми, најчесто ќе биде меѓу три и пет дена, но можно е да трае и до 14 дена, се наведува натаму во студијата… ЦЕЛАТА СТАТИЈА ПРОЧИТАЈТЕ ЈА ТУКА.