Германски медиуми: Бундесверот има муниција за само два дена борби

Изминатите денови во германските медиуми, повикувајќи се на неименувани извори, се појавија алармантни наслови за состојбата на армијата, кои сугерираат дека Бундесверот ќе има доволно муниција само за два дена борби.

Според НАТО стандардите, секоја земја-членка треба да има резерви на муниција за 30 дена борби, а за надоместување на недостатокот, Германија мора да одвои 20-30 милијарди евра, наведуваат експертите за одбрана.

Германската армија подолг период се соочува со проблеми како неисправни тенкови, хеликоптери и пиштоли, како и несоодветна зимска облека за војниците.

Иако канцеларот Олаф Шолц најави пресврт и зголемување на трошоците за одбрана, како и еднократен „специјален фонд“ од 100 милијарди евра за модернизација на армијата, повторно се појавуваат сомнежите за капацитетите на германската војска.

Земјите-членки на НАТО во североисточна Европа веќе се загрижени дека Германија нема да биде воен партнер на кој можат да се потпрат.

На прес-конференцијата во Берлин на крајот на октомври, летонскиот министер за одбрана Артис Пабрикс им постави провокативно прашање на своите европски колеги: „Ние сме подготвени да умреме, а вие?“. Обраќајќи им се на Германците, тој рече: „Многу ќе зависи од воената моќ на вашата земја. Жал ми е што го кажувам тоа, но вашата воена моќ во моментов не постои“.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Германија потпиша договор за купување на 35 американски борбени авиони Ф-35, кои ќе ја заменат застарената флота Торнадо. Но, тие можеби нема да бидат подготвени за употреба до 2027 година.

Написите за недостигот на муниција делумно се појавија по испораката на оружје во Украина, но има и други причини.

Во изминатите неколку децении, Бундесверот продаде многу од своите бункери од времето на Студената војна, што значи дека армијата, ако и само ако има муниција за 30-дневна борбена операција како што е пропишано од НАТО, ќе мора да најде складишта за тоа.

МИА

- Реклама -