Германски пратеник си даде оставка зашто за пари лобирал за Груевски, вели дека не знаел за обвинувањата за корупција и злоупотреба на власта

Германскиот пратеник Тобијас Цех, од Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), си поднесе оставка откако германскиот „Шпигел“ објави дека во 2016 година лобирал за поранешниот македонски премиер Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, но не од љубов, туку на партијата ѝ наплатил околу 50 илјади евра за „консултантски услуги“.

Според „Шпигел“, заслуга на Цех била и посетата на Груевски на Германија во 2016-та, каде се сретна со низа високо рангирани политичари, членови на ЦСУ, која е сестринска партија на ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, иако тогаш во својот ек беше политичката криза во земјава и официјален Берлин беше еден од најжестоките критичари на Груевски. Тоа го потврдиле функционери на ЦСУ кои присуствуале на средбите.

Како што посочуваат медиумите, Цех во ноември таа година дури се појави и на предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ, каде порача дека глас за ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ќе значи глас за курс кон иднината на Македонија.

Оставката на Цех „поради можен судир на интереси“ ја потврди и генералниот секретар на ЦСУ – Маркус Блуме. Тој информира дека Цех се обратил до Комисијата за етика на партијата, со молба таа да провери дали таков судир постои, пренесува „Дојче веле“.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Цех, пак, вели дека тоа го прави за да спречи штета за неговата партија предизвикана од „евентуални паушални предрасуди“. Тој уверува дека секогаш внимавал строго да ги оддели своите претприемачки активности од извршувањето на мандатот (на германски пратеник), и вели дека од правен аспект не гледа проблем, но признава дека од политичка гледна точка „такво однесување е недозволиво“.

Како што пренесува „Дојче веле“, Цех се правда и дека во периодот додека соработувал со Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не знаел за обвинувањата за корупција и злоупотреба на власта. За тоа дознал, вели, од медиумите, дури пред пресудата за Груевски, кога договорот веќе бил завршен.

Но весникот додава и дека бизнис-соработката на 39-годишниот Цех со Македонија не престанала и не се сведува само на консултантски услуги. Тој е на чело на Управниот одбор на компанијата „ФармКан“ (PharmCann Deutschland AG) која е тесно поврзана со одгледување канабис во Северна Македонија, во партнерство со Златко Кесковски, кој е шеф на надзорниот одбор на оваа компанија, а притоа има лиценца за одгледување канабис во земјава.

Повеќе детали ТУКА и ТУКА.

- Реклама -