Германскиот амбасадор објасни што значи новиот закон за доселување во Германија за граѓаните на Македонија

Од 1 март во Германија стапи во сила новиот Закон за доселување на квалификувани работници од земји кои не се дел од Европската унија, вклучително и Македонија.

Германскиот амбасадор во земјава – Томас Герберих, денеска преку видео обраќање до граѓаните појасни како ќе влијае и што новиот закон ќе значи за работниците од земјава кои сакаат да заминат во Германија.

„Драги граѓани на Северна Македонија,

Во Германија на 1 март стапи на сила Законот за доселување на стручни лица. Законот ќе го регулира доселувањето во Германија на квалификувани стручни лица од земјите надвор од Европската унија.

Би сакал да ви дадам неколку појаснувања околу тоа:

Согласно законот, квалификувани стручни лица не се само лица со завршено високо образование, туку и стручни лица со квалификувано стручно средно образование.

Како прв чекор, мора да се докаже оваа квалификација пред да се поднесе барање и да биде призната од надлежните германски служби.

Со призната професионална квалификација можете да поднесете барање за виза, за кое Ви е потребна и конкретна понуда за работно место.

Прочитајте и:  Германија прави попис на бункери и засолништа во случај на руски напад, ги охрабрува и граѓаните да си направат и свои

За да може стручните лица да имаат корист од забрзаната постапка, идниот работодавач од Германија мора да поднесе соодветно барање.

Кога сето ова ќе е приложено, Амбасадата ќе издаде виза.

Законот за доселување на стручни лица не е закон специјално составен за земјите од Западен Балкан, туку важи ширум светот.

Тој, исто така, не ја заменува досегашната Вам добро позната ‘Регулатива за Западен Балкан’, која и понатаму ќе продолжи да постои.

Дозволете ми да појаснам уште една мисла: Не сакаме да поттикнуваме ‘brain-drain’ (одлив на мозоци), туку да се заложиме за создавање на одржлив пазар на трудот во земјите од Западен Балкан.

Ќе ги поддржиме и оние што се враќаат, за да може тука да го пренесат стекнатото знаење во Германија“, порача Герберих.

За подетални информации, тој упатува граѓаните да се обратат на веб страната на Германската амбасада во земјава.

- Реклама -