Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, изрази загриженост дека изјавите на рускиот претседател Владимир Путин за потенцијалниот крај на војната во Украина можат да бидат „уште една измама“. За време на неговата посета на Киев, Писториус посочи дека Путин се обидува да го отклони вниманието од слабостите на руската армија.
„Во моментов, тој речиси и да нема територијални придобивки, а неговите сили продолжуваат да губат делови од окупираните територии. Токму поради тоа, наша должност како партнери на Украина е дополнително да ја зајакнеме воената поддршка“, изјави Писториус на брифинг со украинскиот колега Михајло Федоров.
Тој истакна дека ако Путин навистина сака да стави крај на конфликтот, тој може да го направи тоа со повлекување на руските сили или со иницирање конкретни преговори без предуслови. „Се надевам дека грешам, но не може да се исклучи дека ова е уште еден обид за заблуда и дел од неговото хибридно војување“, додаде Писториус.
Додатно, германскиот министер потсети дека Путин во минатото веќе ги прекршувал договорите за прекин на огнот и мировни преговори. Овие изјави следат по тоа што Путин на 9 мај изјави дека верува дека војната во Украина се ближи кон крајот, обвинувајќи ги западните држави за продолжување на политиките на конфронтација.
Во меѓувреме, Москва предложи поранешниот германски канцелар, Герхард Шредер, да биде посредник во можни мировни преговори, но и Украина и Германија ја одбија оваа идеја.




