Германците предупредени дека трошат повеќе енергија отколку што треба

Берлин, 6 октомври 2022 (МИА) – Германската мрежна агенција денеска предупреди на прекумерна потрошувачка на гас и укажа на можните последици за резервите на гас во текот на зимата.

„Ситуацијата може да стане многу сериозна доколку значително не ја намалиме потрошувачката на гас“, изјави директорот на Федералната мрежна агенција, Клаус Милер.

Домаќинствата и претпријатијата минатата недела потрошиле вкупно 618 гигават часови енергија, што е за 10 отсто повеќе од просекот за тој период од годината.

„Без значителни заштеди во приватниот, занаетчискиот и индустрискиот сектор на ниво од најмалку 20 отсто, ќе биде тешко да се избегне недостигот на гас во текот на зимата“, рече Милер.

Домаќинствата и занаетчискиот сектор трошат околу 40 отсто од гасот, а останатиот дел отпаѓа на индустријата.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Истовремено, министерот за економија и енергетика, Роберт Хабек, тврди дека до крајот на месецот резервоарите за гас во Германија ќе се полнат со планираниот капацитет од 95 проценти.

Тој укажа и на забрзаната изградба на инфраструктура за увоз на течен гас и нови терминали кои се градат на Балтикот и Северното Море.

Но, и покрај тоа, тој апелираше до граѓаните да штедат енергија.

„Во споредба со минатата година, мораме да заштедиме 20 проценти од енергијата. Прерано е да се опуштиме“, рече Хабек.

Зголемената потрошувачка на енергија во Германија е поврзана и со невообичаено ниските температури на крајот на септември.

- Реклама -