Гир: Извештајот на ЕК е искрен и правичен, Северна Македонија да ја искористи создадената динамика во процесот на проширување

Извештајот на ЕК се стреми кон тоа да даде јасна и објективна оценка за напредокот. Иако, потенцира одредени области каде е постигнат напред, тој е многу искрен за одредени области каде не е постигнат напредок или пак има ограничен напредок, особено во оние области кои што ние ги сметаме за толку важни што ги опишуваме како дел од основите во пристапните преговори како што се владеење на правото, борба против корупција, реформи на јавната администрација, и основните чевекови права, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на заедничката прес-конференција во Владата со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по повод Извештајот на ЕК за напредокот на земјава за 2023 година.

-Извештајот е искрен, но правичен, со тоа ние сакаме да ги охрабриме властите, државните институции, како и сите политички актери да направат многу повеќе за да ги унапредат реформите во интeрес на граѓаните и во интерес на патот кон членство во ЕУ, рече Гир.

Извештајот, кој што го покрива периодот од доцната есен 2022 година до летото 2023, потенцира Гир, доаѓа во контекст кога имаме значајна динамика во проширувањето, особено по незаконската руска агресија во Украина, при што рече, сите разбираме дека проширувањето е во наш заеднички интерес, се работи за просперитет, демократија, но и за стабилност и безбедност. Потврда за тоа се, рече евроамбасадорот, вчерашните историски препораки за почеток на преговорите со Украина и Молдавија.

-Сакаме Северна Македонија да ја искористи оваа динамика, Извештајот доаѓа и во контекст на можности особено со Предлогот на Комисијата за Планот за раст за Западен Балкан. Сакаме Северна Македонија да ја искористи оваа можност, рече Гир.

Што се однесува на суштината Извештајот е, нагласи тој, многу сеопфатен и е на 120 страници. Во делот на политичките критериуми, документот нотира дека Северна Македонија продолжува да ги засилува своите напори за да ја зацврсти демократијата, додека се соочува со одредени предизвици во областа на владеењето на правото.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ на прес-конференцијата истакна дека вчера објавениот пакет за проширување на ЕК за 2023 година, за разлика од претходните години покрај Стратегијата за проширување и поединечните извештаи за вкупната подготвеност и напредок на секоја држава, кандидат или држава која што преговара за членство, вклучува уште еден дополнителен документ, Планот за раст на економите на Западен Балкан со што се воведува и една нова дополнителна динамика во процесот на интеграција во ЕУ.

-Силно го поздравуваме објавениот план за раст на економиите на ЗБ, за првпат имаме резервирани пари поврзани со реформите. Шест милијарди евра за целиот наш регион од кои една милијарда евра може да биде на располагање на Република Северна Македонија. Планот за раст ќе ги засили нашата и регионалната економија , а со тоа и побрзо ќе се намалуваат значајните разлики со економиите на земјите членки од ЕУ, рече Маричиќ.

Со планот за раст, додаде тој, се овозможува пристап до европскиот заеднички пазар. Тоа значи дека нашите производи и услуги ќе почне да се пласираат на единствениот европски пазар под исти услови, како и државите членки на ЕУ и пред нашето официјално членство во ЕУ.

-Планот за раст е резултат на нашите барања и заложби. Ние веќе подолго време како држава кандидат баравме од ЕУ, а бараа и другите држави од регионот да може да користиме придобивки и можности од зачленувањето во ЕУ и пред да станеме членка, односно додека траат преговорите. Се сеќавате дека тоа беше и тема на забрзана интеграција или повеќе интеграција пред членство веќе подолг период. Заедничка цел наша и на ЕУ е до април 2024 година да се направи и прв трансфер на средства кон Северна Македонија и кон другите земји во регионот на Западен Балкан. Тоа значи дека ако продолжиме и забрзаме со реформите и со процесот на интеграција, првиот трансфер од овој нов пакет веќе може да го имаме за пет месеци од сега, рече Маричиќ.

Планот за раст е финансиска но и политичка инвестиција на ЕУ во Северна Македонија и во нашиот регион, нагласи вицепремиерот Маричиќ.

МИА

- Реклама -