Гир: Уставните измени се прашање кое новата влада ќе мора да го реши

Не мислам дека ситуацијата се има драстично променето од пред изборите до после нив, рече евроамбасадорот Дејвид Гир, во вечерашното гостување во Топ Тема на Телма, на прашањето за уставните измени кои се неопходни за продолжување на пристапниот процес.

Тој додаде дека по речиси „двегодишни макотрпни преговори со Бугарија се постигнал договор со кој се одблокирал евроинтегративниот процес на земјава, но и со кој земјава преземала одредени обврски“.

-Дел од тој договор беше дека ќе има промени на Уставот, за вклучување на луѓето кои се идентификуваат како Бугари под заштитата на самиот Устав. Тоа не е променето, се уште е таква ситуацијата. Значи, тоа ќе биде прашање кое новата Влада ќе мора да го реши, директно, рече Гир.

Според него, новата влада можеби ќе ја искористи опцијата да разговара со Бугарија.

-Но, отсекогаш велев дека имаме договор којшто беше постигнат со големи тешкотии, тешко ми е да замислам дека би било можно да се пронајде подобар договор, и не гледам можност за промени во Преговарачката рамка, истакна Гир.

Евроамбасадорот порача дека владата мора да се вклучи и да размисли како понатаму ќе постапува по ова прашање, фокусирајќи се на клучната цел, а тоа е оваа земја одлучно да напредува кон ЕУ.

-Тоа е најдобриот начин, не само да го обезбеди својот просперитет, демократска средина, но исто така и ќе го зајакне својот идентитет, нешто што го видовме кај многу други земји-членки, кои во процесот на приклучување мораа да направат тешки одлуки. Мислам дека сега прашањето е да се напредува по ова прашање и фокусирање на реформите и чекорите кои мораа да бидат преземени да се осигураме дека оваа држава навистина ќе може да ги ужива придобивките од членството во ЕУ најбрзо што може, додаде Гир.

Тој нагласи дека сето ова се случува поради моментумот за проширување кој во моментов постои во Унијата, а постапките на самата Комисија и 27-те земји членки го потврдуваат тој факт.

Гир оценува дека државава е способна брзо да ги спроведе неопходните реформи и да ѝ се приклучи на Унијата, но за тоа е потребна апсолутна политичка одлучност.

-Постои една генерална мрачна атмосфера, чувство дека „стативата“ е поместена, дека ништо не може да се постигне. Тоа не е така, ова е мала земја, вие не почнавте од нула, всушност започнавте од значителни достигнувања, исто така вклучувајќи го и Договорот од Преспа, значајни достигнувања во многу полиња кои можат да бидат надградени. Ја имате потребната сила во вашата администрација да го исполни тоа, тоа може да се случи. Значи, чекорите напред се остварливи и се практични, но тоа што е потребно е апсолутна политичка одлучност, над политичките поделби, да се рече „ова е нашиот национален проект, сакаме да и се приклучиме на ЕУ до тогаш, и ќе направиме чекори за да стигнеме до таму, истакна Гир.

Во однос на Планот за раст, порача дека Планот, којшто минатата година го презентираше Европската комисија, треба да се сфати како поттик за тие што сакаат да напредуваат на патот кон ЕУ. -Но, тој не е потребен за да се спроведуваат реформите во Северна Македонија, рече тој.

Целта на тој план, кажа Гир, е подобрување на животниот стандард на граѓаните и приближување до стандардите во Унијата, кое може да биде постигнато на повеќе начини, но пред се, преку добивање пристап до одредени делови од заедничкиот пазар на ЕУ. 

- Реклама -