Ѓоковиќ е најдобар меѓу најдобрите

Новак Ѓоковиќ на најдобар можен начин ја заврши својата фантастична година, успевајќи да триумфира на завршниот АТП турнир во Лондон.

На АТП шампионатот традиционално играат најдобрите тенисери на ранг-листата, а Ѓоковиќ со пет победи во низа (три во групата, една во полуфиналето и една во големото финале) покажа дека е најдобар меѓу најдобрите и дека сосема заслужено ќе ја заврши оваа година како прворангиран светски тенисер.

За триумфот да биде уште посладок, Новак во големото финале беше подобар од Роџер Федерер, второрангираниот светски тенисер во моментов и лански првак на АТП шампионатот.

Швајцарецот фуриозно го почна мечот, стигна до рано водство од 3:0, но како што одминуваше времето, Ѓоковиќ успеваше да влезе во својот препознатлив ритам и да направи пресврт. Првиот светски рекет дури имаше и сервис при водство од 5:4, но Федерер стигна до брејк.

Првиот сет беше решен во тај-брејк, а Ѓоковиќ по голема борба ја искористи својата трета сет топка и стигна до водство од 1:0.   И вториот сет почна со брејк за Федерер, кој што овојпат ја имаше предноста сѐ до 5:4 и свој сервис. Швајцарецот дури и имаше 40:15 и две сет топки, но со серија неизнудени грешки му го подари гејмот на својот противник.

Тенисер со квалитетите на Новак Ѓоковиќ знаеше како да го искористи тоа, дополнително доби на самодоверба, па само десетина минути подоцна ја искористи првата меч топка за конечни 7:6, 7:5, за вториот трофеј на АТП шампионатите во својата кариера.

„Ова ми е прва победа на АТП шампионатот во Лондон, по онаа претходната во Шангај. Секогаш ми е чест да играм против Роџер, му честитам на одличната игра. Се надевам дека сите навивачи уживаа во врвниот тенис во изминатата недела, во името на сите тенисери ви благоддарам за поддршката. Ова беше фантастична сезона, што сигурно ќе ми биде само мотив повеќе да продолжам во ист ритам и во следната година“ порача Ѓоковиќ откако го крена победничкиот пехар.

Србинот за овој голем успех заработи 1.760.000 долари, бидејќи на патот до трофејот не загуби ниту еден меч, а воедно ќе добие и 1.500 АТП бодови, со кои што ќе се зацврсти на врвот на ранг-листата. Сосема заслужено, со оглед на извонредните игри кога беше најпотребно, со кои што покажа дека годинава дефинитивно е најдобар меѓу најдобрите во светот на тенисот.

- Реклама -