Сите очекуваме политичките сили да постигнат консензус, да формираат мнозинство и редовна влада и да започнат да се занимаваат со проблемите кои ги засегаат бугарските граѓани. Ова го изјави техничкиот премиер на Бугарија Димитар Главчев на почетокот на денешната владина седница.
– Денеска е 27 ноември, точно еден месец од последните вонредни парламентарни избори, а сè уште сме на првата седница на Народното собрание, истакна Главчев.
– Да не ги префрлаат проблемите од ‘болната глава на здрава’, да престанат да се занимаваат со привремената влада и да ги прекинат шпекулациите. Ако се фокусираат на решавање на проблемите на граѓаните, нема да им остане време за шпекулации, додаде привремениот премиер.
Главчев увери дека привремената влада ќе продолжи со својата работа, пренесува БТА.
„Позитивни сигнали за нашата работа дојдоа од далечни места како Сингапур и Виетнам. Таму претседателот изјави дека зад привремената влада не стои политичка волја. Каква подобра оценка може да има за привремена влада?“ рече тој и ги отфрли тврдењата за политички влијанија како шпекулации.
– Фактот што министри се дел од претседателската делегација е потврда за работата на оваа влада, заклучи Главчев.