Американската полиција (со исклучок на мнозинството) може комотно да се пријави на американскиот „Јас имам талент“ и на сцена да го покаже тоа што го знае најдобро – убивање на невооружени цивили. Ако досега по некоја случајност најмногу гинеа црнци, сега се чини решија малку да прошараат. Најтазе жртва е глув маж, убиен зашто „игнорирал наредби“.
Двајцата полицајци од Оклахома биле во потрага по возач што извршил „hit and run“ (удар со возило во друго возило и бегство од местото на настанот). Наводно не ги слушнале довиците на околните набљудувачи и соседи на убиениот кои се обидувале да им објаснат дека човекот е глув. Кога тој им се доближил на околу 4.5 метри, носејќи метална цевка во рацете, полицајците истовремено реагирале и отвориле оган. Едниот пукал со тејзер (електрошокер), кој, види чудо, постои баш како замена за огнено оружје во ситуации со мал ризик, како оваа. Другиот – Кристофер Барнс, стрелал со пиштол, и тоа не во рацете, не во нозете, туку во телото на 35-годишниот Магдијел Санчез.
Барнс моментално е суспендиран и е под истрага за убиството. Неговиот колега Метју Линџ останува на должност – нема причина да биде казнет. Ниту еден од двајцата не носел телесна камера.
Во меѓувреме, полицијата утврди дека глувонемиот Санчез немал криминално досие. Исто така, се покажа и дека металната цевка со должина од 60 сантиметри која Санчез ја имал во раце додека седел на својот трем во моментот на пристигнување – соседите на Санчез на полицајците им ја опишале како „стап“. Зошто? Зашто на Санчез му служела како стап, за одбрана од уличните кучиња кои често му се вртеле околу куќата во која живеел заедно со својот стар татко.