12-годишниот Lu Jiezhen од Нанинг, Кина, неодамна доби прва награда на регионалниот натпревар во наука и иновации. Неговиот изум? Механизам за сушење алишта кој сам ги собира жиците кога ќе детектира дожд, а повторно ги отвара кога дождот ќе престане.
Сепак, она што за луѓето е посимпатично од самиот негов изум, е причината, односно инспирацијата зад истиот. А тоа е мајка му. Имено, еден ден таа морала да излезе, а Лу го задолжила да внимава на пружените алишта и да ги собере ако заврне. Лу го направил тоа што веќе го претпоставувате од сопствено искуство – се заиграл низ дома и целосно заборавил на алиштата и дождот кој за бeљa не изостанал. Кога мајка му се вратила, алиштата ги нашла утоп мокри, па го направила пуздер од кapaње.
Сепак Лу, наместо како секое друго дете да е пресреќен што не добил ќoтeчe и посериозна кaзнa и веднаш да заборави на својата грешка, седнал да иновира и да осмисли начин алиштата сами да се соберат следниот пат кога тој (или некое друго дете) ќе ги заборави.
Па така, решението на умниот шестоодделенец наскоро се нашло на 34-тиот провинцијален младински натпревар по наука и технологија во Гвангши, каде што судиите биле толку импресионирани што му го доделиле првото место.
Механизмот на Лу содржи вградени сензори кои го детектираат присуството на водени капки и ги повлекуваат јажињата под водоотпорна стреа за да ги заштитат алиштата од дождот. Покрај овие, има и светлосен сензор, кој детектира кога небото е расчистено и повторно го отвара механизмот, повлекувајќи ја стреата. Според локалните медиуми, автоматскиот механизам на Лу може да ја мери дури и влажноста на алиштата и да ги собере јажињата кога се целосно суви.
Засега Лу нема намера прототипот да го развие во комерцијална верзија, но нешто ни вели дека нема да се откаже да го искористи дома, за себе. Ние, пак, со нетрпение чекаме мајка му пак да го иcкаpa, овојпат за нешто друго. Неопходноста е мајка на иновациите, велат Американците, но очигледно мајка на иновациите може да биде и мајка му на Лу.