Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации го обвини Израел дека извршил воени злосторства со опсадата и блокадата на Појасот Газа.
„Колективното казнување е воено злосторство. Колективното казнување од страна на Израел на целото население во Газа мора веднаш да престане“, рече портпаролката Равина Шамдасани денеска во Женева.
Според Агенцијата на ОН, и палестинската исламистичка милитантна група Хамас извршила воени злосторства и ѕверства, вклучително и киднапирањето цивили од Израел за време на смртоносните напади на 7 октомври. Шамдасани побара од палестинските групи да ги прекинат „неселективните напади“ врз Израел.
Се верува дека повеќе од 200 луѓе, од кои многу цивили, се заробени од Хамас во Газа.
Израел објави „целосна опсада“ на Газа, прекинувајќи го снабдувањето со вода, храна, струја и гориво.
„Се случува хуманитарна катастрофа за 2,2 милиони луѓе затворени во Газа кои се колективно казнети“, рече Шамдасани.
МИА