Годината кога летото не дојде

Кај ни е сонцето?! 

Таа чудна година, додека јануари и февруари биле донекаде стандардни, во март почнало сериозно да заладува. Во април и мај дождот не престанувал да врне. Во јуни и јули мразот бил секојдневие, а во Њујорк паднало околу пола метар снег.

Европа ја погодило огромно невреме, а еден куп реки се излеале од коритата. И во Унгарија паѓал снег. Кафен снег. Во Италија и северно-централните региони на Европа не било многу подобро – паѓал црвен снег.

 Сé тоа предизвикало огромни штети, особено во полјоделските области во светот. Цената на храната пораснала за дупло.

Никој не знаел зошто

Иако целата планета била збунета и упорно го исчекувала летото, тоа не дошло. Продолжила зима, па есен, па зима… немало објаснување.

Дури во 1920 година американскиот научник Вилијам Хамфрис (Humphreys) ја поставил денес општоприфатената теза што го објаснува тој климатски феномен. Открил дека зад целата работа стоела ерупцијата на вулканот Тамбора во април 1815 година, исфрлајќи во атмосферата масивни облаци од вулкански пепел. Облаците покриле голем дел од северната хемисфера, но дека нешто не е во ред почнало да се гледа дури во 1816-та.

Студеното време и зимата едноставно не завршувале. Мразот ги уништил сите посеви, а гладот кој избил како резултат предизвикал раст на криминалот, општествени нереди, побуни, па дури и уништување на цели заедници.

Гратис епидемија

Според многу научници, годината без лето е и главниот виновник за избивање на една од најсмртоносните епизоди на тифус во историјата. Додека студенилото ја парализирало северната, монсуните ја пустошеле јужната хемисфера, помагајќи го ширењето на епидемијата на колера, убивајќи десетици илјади луѓе.

Како дел од последиците, Ирска преживувала катастрофален глад. Кина, пак, иронично, морала да се откаже од садење на ориз, и наместо тоа да одгледува попрофитабилни култури, особено афион. Тоа се и почетоците на тоа што подоцна ќе стане познато како епидемија на опиум и подем на опиумскиот пазар.

Извор

- Реклама -