По вчерашниот почетен предизборен митинг и говор во Охрид, Гордана Силјановска Давкова денеска малку повеќе се посвети на тишина и медитација. „На јога со Гога“, ги повика таа вчера младите да ѝ се придружат на брегот на Охридско.
„Живееме во немир, а се чини дека источните народи полесно се справуваат со проблемите на денешницата. Можеби токму кога е во прашање јогата, евроцентризмот не е многу успешен, па во многу европски училишта, во сите степени се воведува јогата во наставата, дури и во рамките на фирми, претпријатија“, истакна кандидатката за претседател, додавајќи дека „јогата е комуникација со себе, комуникација со другите. Јогата е размена на позитивна енергија. А во ова време-невреме, потребна е. Тоа не е бегство од реалноста, напротив – е метод, начин, како со умот, со духот, со срцето, да се справите со конфликтната реалност“.
„Јас порано бев многу поревносна, но јога можете да вежбате и сами, дома, а најмногу, се разбира, во природа, зашто една од вежбите и техниките – ‘поздравот на сонцето’, токму тоа значи. Се обраќате кон сонцето како извор на живот, барате чиста средина што ја нема, и тогаш сте поподготвени за работа“, објасни Силјановска.
Таа „се пожали“ и дека како никогаш досега ѝ е потребна синергија, т.е. хармонија меѓу телото и умот.
„Малку наоѓам време, но еве Охрид, ми се чини, е вистинското место за јогата како филозофија. Амбиентот, сонцето, сè е денеска на моја страна, а и на оние кои со мене овде ќе вежбаат“, рече Силјановска.
Вели дека со ова сака да испрати порака за здрав живот, за дружење, за размена на позитивна енергија, порака за добро.
„А ние нели потпишавме некои кодекси за фер и демократски избори, ама понекогаш потписите се бришат, се забораваат, етиката исто така, па еве, во јогата има нешто што упатува на потрага по добро, на размена на добра енергија и еве на тој начин јас ќе покажам дека ќе се обидам да ширам убава позитивна енергија меѓу луѓето кои не ми се непријатели, ниту противници, туку сме натпреварувачи. А се чини дека жените имаат моќ за таква енергија“, изјави таа за „Охрид Њуз“ (видео на линкот).
Останува да видиме дали противкандидатите Стево Пендаровски и Блерим Река ќе го прифатат предизвикот, т.е. натпреварот. Којзнае, можеби со склекови, а можеби и баскет – еден на еден. Со вака креативни потенцијални претседатели, нè чека интересна кампања.