„Голема пресвртница за граѓаните на ЕУ“: Постигнат договор за нова регулатива за интернет гигантите

Брисел, 23 април 2022 (МИА) – Европската унија денеска постигна договор за регулатива за дигитални услуги што ќе бара од големите технолошки компании да отстранат штетна содржина, што е најнов потег на Унијата со цел да ги ограничи светските интернет гиганти.

Законот за дигитални услуги (ДСА), вториот дел од големиот проект за регулирање на технолошките компании, има за цел да обезбеди построги последици за платформите и веб-страниците со долга листа на забранети содржини кои се движат од говор на омраза и дезинформации до фотографии од сексуална злоупотреба на деца.

Претставниците на ЕУ и парламентарците конечно постигнаа договор денеска во раните утрински часови во Брисел за закон на кој се работи од 2020 година, пренесе Хина.

„Да, постигнавме договор“, напиша на Твитер европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон.

„Со ДСА времето на големите интернет платформи кои се однесуваат како ‘премногу големи за да им биде грижа’ се доближува до крајот. Голема пресвртница за граѓаните на ЕУ“, напиша Бретон, кој претходно го опиша интернетот како „див запад“.

„Денешниот договор за ДСА е историски“, напиша на Твитер претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

„Нашите нови правила ќе ги заштитат онлајн корисниците, ќе обезбедат слобода на изразување и можности за компаниите. Она што е нелегално офлајн, ќе биде нелегално и онлајн во ЕУ“, додаде таа.

Регулативата го следи Законот за дигитални пазари (ДМА), кој ги таргетира антиконкурентските практики меѓу технолошките гиганти како Гугл и Фејсбук, а беше склучен кон крајот на март.

Технолошките гиганти беа повикани неколку пати поради неуспехот да вршат надзор врз нивните платформи.

Прочитајте и:  Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

Терористичкиот напад во Нов Зеланд, кој беше пренесуван во живо на Фејсбук во 2019 година, предизвика глобален гнев, а хаотичниот бунт во САД минатата година беше промовиран на Интернет.

Темната страна на интернетот вклучува и платформи за е-трговија полни со фалсификувани или неисправни производи.

Од платформите ќе се бара брзо да ја отстранат нелегалната содржина штом ќе станат свесни за нејзиното постоење. Социјалните мрежи ќе треба да ги суспендираат корисниците кои често го прекршуваат законот.

ДСА ќе ги принуди веб-страниците за е-трговија да го потврдат идентитетот на продавачите пред да ги предложат нивните производи.

Иако многу од одредбите на ДСА важат за сите компании, ДСА има воспоставено посебни обврски за „многу големи платформи“, дефинирани како оние со повеќе од 45 милиони активни корисници во Европската унија.

Списокот на компании сè уште не е објавен, но ќе ги вклучи гигантите како Гугл, Епл, Фејсбук, Амазон и Мајкрософт, Твитер, а можеби и ТикТок, Заландо и Букинг (Booking.com).

Од овие компании ќе се бара да ги проценат ризиците поврзани со користењето на нивните услуги и да ја отстранат нелегалната содржина. Тие ќе мора да бидат и потранспарентни за своите податоци и алгоритми.

Европската комисија ќе ги надгледува годишните ревизии и ќе може да им препишува казни до шест отсто од нивниот годишен приход за повторени прекршувања.

Се очекува да бидат забранети практиките на користење податоци за религија или политичко мислење за насочено рекламирање.

- Реклама -