Ѓоргиев: Одлуката за заедничко чествување на Гоце Делчев е на двете влади, нема врска со комисијата

Одлуката за заедничко честување на Гоце Делчев меѓу Македонија и Бугарија е чисто политичка и во нејзиното комисија за историја нема никаква улога, изјави во „Топ Тема“ на ТВ „Телма“ претседателот на македонскиот дел од заедничката комисија со Бугарија – Драги Ѓоргиев.

Тој потсетува дека комисијата сѐ уште дискутира и не може да најде решение за заедничко чествување, иако веќе две години работи на усогласување на текст во кој треба да бидат претставени идеите зошто двете држави би требало да го слават и зошто Гоце Делчев е важен за двете општества.

Одлуката за заедничко чествување Ѓоргиев ја гледа како политички гест на добра и политичка волја на двете држави да ја релаксираат политичката атмосфера од двете страни на границата во однос на најчувствителните горливи теми. Меѓутоа, комисијата за историски прашања нема улога во нејзиното носење, повтори тој.

Во однос на решение во рамки на комисијата, Ѓоргиев посочи дека дебатите ќе продолжат, но притоа потенцира дека дури и да се усогласат за заедничко чествување на Гоце Делчев, тоа нема да значи и решавање на историскиот спор меѓу македонската и бугарската историографија кој, потсети Ѓоргиев, трае повеќе од 70 години.

„Комисијата не е цензорско тело кое ќе каже ‘од денес Гоце Делчев припаѓа само на една држава’ “, подвлече Ѓоргиев.

- Реклама -