„Ерџан Демир би требало да ги информира своите сограѓани дека токму неговата партија одбива да гласа за набавка на нови автобуси за граѓаните на Градот Скопје, а со тоа и на граѓаните на општина Шуто Оризари. Со жалење констатираме дека Македонија повторно станува заробена режимска држава во која граѓаните се злоупотребуваат како потрошен материјал на политичките партии за наметнување на нивните манипулации“, се вели во соопштението од градската управа
По денешниот протест на жителите од Општината Шуто Оризари, на кој им се придружија Сојузот на средношколците и дел од студентите, а кој се одржа пред бараките на Град Скопје, поради состојбата со јавниот превоз и недостиг на автобуси во главниот град со реакција и обвинувања излегоа од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска.
Оттаму велат дека пред да се организира протестот на жителите требало да им се даде објаснување зошто во населбата Шуто Оризари нема автобуси.
Во соопштението од Град Скопје велат дека претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Шуто Оризари, Ерџан Демир, за кој велат дека ги предводел протестите, а кој воедно бил и кандидат за пратеник од истата партија, би требало да ги информира своите сограѓани дека немаат јавен превоз бидејќи советничката група на неговата партија во Советот на Град Скопје одбива да им овозможи на приватните превозници да возат на нивните автобуски линии согласно барањата кои ги имаат доставено до Трајко Славески пред неколку месеци.
„Ерџан Демир би требало да ги информира своите сограѓани дека токму неговата партија одбива да гласа за набавка на нови автобуси за граѓаните на градот Скопје, а со тоа и на граѓаните на општина Шуто Оризари. Со жалење констатираме дека Македонија повторно станува заробена режимска држава во која граѓаните се злоупотребуваат како потрошен материјал на политичките партии за наметнување на нивните манипулации“,
се додава во соопштението.
Од Град Скопје велат и „срамно е лажењето на Курто Дудуш, кој своите сограѓани ги лаже и ги тера да протестираат на минусни температури, за тој да и се допадне на владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде што се надева на поддршка за следен мандат“.
Во однос на барањето за редовно собирање на сметот од Шуто Оризари и чистењето на депониите, од Град Скопје велат дека Курто Дудуш би требало да ги информира своите сограѓани дека во општината надлежен за чистење на депониите е тој како градоначалник и општинските служби кои тој ги води.
„Треба да каже Курто Дудуш каде што завршуваат парите кои на парагон-блок се наплаќаат од жителите на Шуто Оризари за собирање на отпад, кој потоа завршува на диви депонии формирана токму од службите на општина Шуто Оризари“,
додаваат во соопштението од Град Скопје.
Од градската управа посочуваат и дека срамно е да се злоупотребува најзагрозеното малцинство во Македонија за остварување на теснопартиски политички цели.
И покрај тоа што вчера Владата донесе одлука на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ да му позајми нафта од државните резерви за следните седум дена и денеска се нормализира градскиот превоз, сепак попладнево стотици граѓани протестираа пред бараките на Градот Скопје поради проблемите со градскиот превоз и недостиг на автобуси во главниот град.
Курто Дудуш, градоначалникот на Општината Шуто Оризари, денеска рече дека по две годишна агонија на граѓаните на Шуто Оризари повторно се на протест, со цел да го да го искажат револтот до градоначалничката Данела Арсовска.
„Ова е нехумано и дискриматорски да оставите граѓани толку денови без превоз. Зошто само во Шуто Оризари над 90 отсто од линиите ги возат само приватни превозници? Зашто денес повторно кај нас пак нема автобуси? Зашто не се собира редовно сметот? Кои депонии Градот Скопје ги отстранил од Шуто Оризари? Понесете одговорност за вашите недела кон граѓаните на Шуто Оризари и кон граѓаните на Скопје и покажете политичка зрелост. Знаете сами што значи тоа“,
рече тој.
Критикувајќи го недостатокот на линијата „61“, рече:
„Немате залепено на автобусите на ЈСП, забрането за Роми. Ама не мора. Вашите постапки зборуваат сами за себе“,
рече тој.
Скопјани два дена мораа да се снаоѓаат за да стасаат до своите работни места откако јавниот градски превоз во главниот град беше драстично редуциран, поради недостигот на гориво.