Градот со најкратко име на светот

 

Знакот на влезот во гратчето. Го крадат нон-стоп.
Знакот на влезот во гратчето. Го крадат нон-стоп.

Благодарение на интернет, се начитавме за куп места со „најдолги имиња на светот“ – имиња кои личат како да ги измислил некој дебел батка што седнал на тастатурата – Taumatawhakatangi­hangakoauauotamatea­turipukakapikimaunga­horonukupokaiwhen­uakitanatahu, на пример. Должината им варира – од 40-тина, па до кај 90-тина букви (ова во примерот има 85), ама воглавно сите овие се туристички трикови за публицитет.

Како тотален антипод на ваквите, во Норвешка постои гратчето со непорекливо најкратко име на светот – Å. Поедноставно и пократко не може. За разлика од овие погоре, Å си го нема ставено името затоа што е драма квин желна за внимание, туку го носи од стари времиња. „Å“ во основа е старонорвешки збор за „мала река“. Всушност, во Норвешка постојат најмалку седум села и градови што се викаат Å.

Å во нашиот случај, е сместен на островите Лофотен и е најпопуларен меѓу странските и домашните туристи. Привлекувањето публицитет и туристи не му се страни, ама е со многу повеќе стил; меѓу другото благодарение и на британскиот комичар Пол Пери, кој во 2004 година одлучи да патува од точка А до точка Б. Се разбира, точката А беше Å во Норвешка. Точката Б беше „Bee“ во Небраска, преку океанот.

- Реклама -