Антониос Мавропулос тврди дека го пропуштил летот на „Етиопијан Ерлајнс“ што се урна вчера утрото кратко по полетувањето од Адис Абеба.
Како што објасни за грчката „Алфа ТВ“, Мавропулос задоцнил само две минути, но доволно за, на негова огромна среќа, да не успее да го фати летот.
„Ги гледав луѓето додека се качуваа на авионот. Бев многу лут што не ме пуштија и јас да се качам“, раскажува тој за моментот што практично му го спасил животот.
Мавропулос објасни дека го носел багажот со себе и тоа било главната причина што екипажот не го почекал. Уште посреќна околност е што тој факт многу брзо го ослободил Мавропулос од било какво сомнение за вина. Имено, како единствен патник што не се качил на авионот, Мавропулос можел лесно да се најде под многу сериозна истрага доколку неговиот багаж завршел на авионот без својот сопственик. Вака, испрашувањето траело кратко, бидејќи не постои логична поврзаност помеѓу Мавропулос и уривањето на авионот, објасни тој за грчката телевизија.
Летот ET302 полета кон Најроби со 149 патници и 8 членови на екипажот. Ниту еден од нив не ја преживеа несреќата.