Грковска: Лицата на црната листа на САД не треба да бидат ниту на јавни функции ниту кандидати за јавни функции

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска информираше дека работат на тоа сите лица кои се ставени на црната листа на САД, да не треба да бидат ниту на јавни функции ниту кандидати за јавни функции. Како што рече, мерката е во насока на зголемување на довербата на институциите.

-Јас дадов иницијатива која што Владата ја прифати, за изменување на Законот за рестриктивни мерки, со кои ќе се зголеми опсегот на рестриктивните мерки и ќе се однесува и на организиран криминал, корупција и тероризам, а со координативното тело составено од неколку институции се договоривме да се додадат и хибридните закани како дејствија против државата. Координативното тело веќе го подготви предлог драфт на законот. Министерството за надворешни работи како матично Министерство треба да го изготви и да го предложи на Владата да го разгледа и потоа да влезе во собраниска процедура, изјави вечерва Грковска за време на работната посета во ОВР Гази Баба, во одговор на новинарско прашање.

На овој начин, како што подвлече, во име на стратешкото партнерство со САД, се олеснува процесот за оние лица кои САД ќе ги стави на листата на санкции, да се процесуираат во македонското законодавство.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

-Ги додаваме и Обединетото кралство кое до сега беше опфатено во санкциите кои се изречени од ЕУ, но бидејќи веќе не е член на ЕУ сметавме дека треба и тоа да биде додадено. Исто така, сметаме дека треба да има дополителни реперкусии во смисла за оние кои се ставени на листата на санкции, дека не треба да бидат ниту кандидати за јавни функции ниту да бидат на јавни функции. Тоа ќе биде мерка во насока на тоа да се зголемува довербата на иснитутиците. Не смееме да дозволиме лица кои се ставени на листата на санкции да се однесуваат во нашата држава како ништо да не се случило и не само тие лица, туку институциите кои се задолжени за борба против корупција и организиран криминал да се однесуваат како воопшто да нема укажување од нашите меѓуинародни партнери дека имаат сериозни докази врз основа на кои ја донела одлуката тие лица да ги стават на листата на санкции, додаде Грковска.

Таа посочи оти се надева дека со ова системот ќе биде поефикасен и полесен за функционирање и ќе се зголеми одговорноста дека функционерите треба да бидат пример за општеството.

- Реклама -