Гром погоди руска ракета веднаш по лансирањето (ВИДЕО)

Утрово во 9:23 часот по локално време, по само 10 секунди од лансирањето од космодромот Плесецк, руската ракета Soyuz-2.1b беше погодена од гром.

Бурата почна кратко пред лансирањето, но тоа не ги промени плановите, а ни мисијата на ракетата. Таа го продолжи своето 3.5 часовно патување кон орбитата и успешно го достави сателитот.

Видеото нешто подоцна беше објавено на Твитер профилот на  првиот човек на руската вселенска агенција Роскосмос – Дмитри Рогозин, додека пак генерал-мајорот Николај Нестерчук се пофали околу незапирливоста на нивните летала: „Времето не беше пречка, ние сме трупа за секакви временски услови“.

Ова е првото лансирање од Плесецк за оваа година, а вкупно 37-мо од отварањето на космодромот во 2004 година. Ракетата носеше заменски сателит за мрежата сателити наречена „Ураган“, на која се базира рускиот систем за глобално позиционирање – GLONASS. Како и американскиот GPS и европскиот Galileo, GLONASS користи сателити (вкупно 24) во средната орбита за да испраќа сигнали на високо прецизни временски интервали, според кои сигнали примателите можат да ја триангулираат својата позиција. Мрежата од 24 сателити се одржува така што на местото на дефектните и мpтвите сателити се испраќаат нови. Овој денеска е 138-ми GLONASS сателит. Програмата ја започна Советскиот Сојуз во 1970-тите години, со тоа што првиот сателит беше испратен во орбита во 1982 година. Под контрола на руската влада, мрежата започна да работи во 1993 година, а со целосна функционалност започна да работи во 1996 година.

 

 

- Реклама -