Грција по пријателски пат ќе го олеснува решавањето на разликите меѓу Бугарија и Македонија

„По Агендата од Тесалоники, Грција цврсто верува во Европската иднина на Балканскиот Полуостров и секако, Западниот Балкан исто така. Конкретно сега зборуваме за Северна Македонија и Албанија. Со оглед дека сме пријатели и со Бугарија и со Северна Македонија, ќе се обидеме да го олесниме решавањето на нивните разлики на секаков начин во наша моќ“, изјави грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас во интервју за Euronews во Брисел, прашан дали е загрижен поради ветото од Бугарија за Северна Македонија, дали тоа го загрозува Преспанскиот договор и дали смета дека Грција треба да направи нешто за да ја спаси европската иднина на регионот.

„Веруваме дека имаме заедничка иднина заедно, сите земји на Балканот. И сигурен сум дека секој ќе го цени тоа“, додаде Дендиас.

Прашан дали грчката влада/Грција ќе преземе некаква конкретна иницијатива, да учествува како медијатор, на пример, Дендиас одговара дека „иницијатива“ можеби и пресилен збор.

„Ние сме пријатели со сите и се трудиме да бидеме од помош за сите. Но, повторно, мораме да гледаме на големата слика, а големата слика е иднина на Балканот во рамките на Европската унија“, рече грчкиот шеф на дипломатијата.

Поранешниот грчки министер за надворешни работи, пак, Јоргос Катругалос, вчера во изјава за „ТВ 24“ порача дека бугарските политичари треба да покажат респект кон тоа што Северна Македонија досега го направи на патот кон ЕУ:

„Ние веруваме во ЕУ пристапот на сите земји од Балканот, но примарно Северна Македонија е приоритет. Велам примарно зашто Северна Македонија имаше голема храброст да го реши спорот помеѓу нас и ова мора да се цени од ЕУ и сметам дека Бугарија треба да најде пристоен начин со заеднички респект и достоинство и да го направи истото“, изјави тој.

Овие пораки од Грција доаѓаат истовремено со реакциите на опозициската Сириза околу доцнењето на актуелната грчка влада со ратификацијата на три потпишани Меморандуми со Македонија уште од 2019-та година, кои се однесуваат на македонските евроинтеграции, економската соработка и чувањето на македонското воздушно небо. Сириза реагира и на доцнењата околу учебниците и трговските ознаки. Според Катругалос, договорот со министерот Никола Димитров бил дека процесот со учебниците ќе заврши во септември 2019 година.

 

- Реклама -