Груевски со 8.350 евра отворил своја фирма во Унгарија, ќе (може да) тера бизнис во најмалку 10 сектори

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој во 2018 година доби азил во Унгарија, а потоа и адреса во Дистрикт 5 во Будимпешта и право да гласа на локалните избори година подоцна, месецов отворил своја фирма во малото гратче Пецел во близина на главниот град, објави унгарскиот портал „24.hu“.

Фирмата се вика ICIC Kft. и е регистрирана на 15 јули, а Груевски, покрај сопственик, фигурира и како директор на Друштвото со ограничена одговорност чии главни дејности се бизнис менаџмент и бизнис консалтинг, но, како што објави „Дојче веле“, всушност опфаќа најмалку 10 различни сектори.

Според документите објавени во унгарскиот Централен регистер на фирми, до кои дојде DW, Груевски очигледно не сакал да биде ограничен во однос на трговијата, па ги регистрирал речиси сите дејности кои му биле на располагање. Така, ICIC Kft. ќе може да се бави со трговија на големо со порцелан и стакларија, но и со средства за чистење, потоа со трговија на големо со храна, пијалоци и тутун и други стоки, а може да работи и во сферата со управување со имоти (холдинг), бизнис менаџмент, комуникации со јавност, рекламирање, истражувања на пазари и испитување на јавно мислење, а и организација на конференции и трговски изложби.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Според документите, Груевски за регистрација на фирмата платил 3 милиони унгарски форинти, односно 8.350 евра, а наместо своја адреса во Будимпешта (која веројатно сакал да остане во тајност), ја пријавил адресата на неговиот правен застапник, односно неговиот адвокат. Од друга страна, додава „Дојче веле“, Груевски немал проблем како втора адреса да ја пише онаа во Скопје (ул. Павел Шатев бр. 3, во Кисела Вода), од каде побегна за Унгарија.

Во меѓувреме, пишува исто така „Дојче веле“, сметките на Груевски во Македонија не се блокирани, но се сосема празни.

- Реклама -