Груевски под сателитски надзор

Откако сосема случајно во петокот беше начекан при тајна средба во стан во истиот ходник со редакцијата на унгарскиот портал 444.hu, Груевски истиот ден попладнето бил фотографиран на бизнис забава/самит на брод во Будимпешта, во друштво на уште две засега неидентификувани лица, со кои зборувале на англиски.

Како што пишува порталот, при излегувањето од станот по едночасовната петочна средба, новинарите виделе и трето лице, кое штом ги забележало, се повлекло назад. Сепак, екипата налетала на него веднаш штом Груевски заминал со автомобилот со затемнети стакла, кога лицето излегло од влезот. Се покажало дека тоа е заменикот-државен секретар во унгарското МНР задолжен за промоција на извозот – Иштван Ѓеу. Новинарите забележале дека во раката носел нотес со натпис „Budapest Water Summit“, па оттаму и заклучиле дека тоа била една од темите на разговор за време на средбата. Нивните сомнежи се потврдиле кога Груевски попладнето бил забележан и фотографиран токму на наведениот настан.

 

На прашањата од 444.hu, од унгарското Министерство за надворешни работи одговориле со зборовите: „Нема ништо невообичаено во тоа МНР да биде во контакт со човек кој долго време бил премиер во неговата земја“.

Но унгарските новинари се сигурни дека средбата требало да биде тајна, бидејќи сите индикатори велат дека станот во кој се одвивала е таканаречен „стан-К“. Имено, порано бил издаван на туристи преку AirBnb, а повеќе од една година веќе никој не живее таму. Се води во сопственост на двајца кинески државјани од кои едниот е клиент на унгарската влада. Згора на тоа, станот се наоѓа во непосредна близина на Министерството за надворешни работи.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Порталот пишува дека станува збор за класични „симптоми“ на стан во сопственост на државните тајни служби. Во националната безбедност „стан-К“ е имот изнајмен од државните безбедносни агенции кои оперираат тајно, а се користи за прием и средби со лица од мрежата, за агенти на разузнавачките служби, за оперативни акции, или за повремено надгледување на непријателски објекти или личности. Сепак, некој направил голема непрофесионална грешка кога ја организирал средбата со Груевски токму во станот кој дели влез со новинарска редакција, констатира 444.hu.

Порталот наведува и дека постојат и други индикатори дека средбата во станот била детално организирана од (службите на) унгарската влада. На пример, тоа што Груевски пред влезот го чекало возило со затемнети стакла и германски регистрации.

Има две интересни нешта на сликата, пишува порталот. Едното е ременот околу рамото на возачот, што според упатените извори на 444.hu од полето на националната безбедност, упатува дека возачот има мала торбица во која носи оружје. Другата е налепницата на стаклото на автомобилот, која е индикација дека автомобилот е под сателитски мониторинг. Како што истакнува 444.hu, иста таква налепница имаше и на автомобилот со унгарска регистрација кој го пречека Груевски кога во декември беше снимен на излегување од ресторан од екипата на унгарскиот „24.hu“. Тоа упатува дека автомобилите се дел од една иста флота, заклучува порталот.

- Реклама -