Груевски: За сите четири пиштоли имав дозвола, но можно е рокот да истекол

Во пост на Фејсбук, кој го насловил „Голи пиштоли: За пиштолите, куршумите, секретарките и ‘Среќна нова 49та’ “, екс-премиерот Никола Груевски демантира дека поседувал оружје без дозвола. Тој обвинува дека една од целите на „упадот“ во неговиот дом и „хајката“ против него од страна на „репресивните органи на власта“ е и дефокусирање на јавноста, а потврда за тоа, според него, се „десетиците натписи со лажни вести на порталите блиски до власта“, пласирани од истите кои нарачале и „вознемирување на неговото семејство“.

„Ова е трето по ред (такво вознемирување, н.з.) од моето заминување од Македонија. Тука не ги сметам периодичните, на неколку месеци доаѓања на полицаец во униформира само за да праша дали сум дома. Последен пат пред околу три-четири месеци“, пишува Груевски.

Како што вели тој, лажна вест е дека пронашле оружје без дозвола.

„Тоа е неточно. Моите четири пиштоли се со дозвола издадена од МВР и на местото каде можеле да ги пронајдат беше и дозволата за нив. Таа дозвола беше важечка во моментот кога заминав од Македонија со цел да побарам политички азил заради политичкиот прогон на власта. Подоцна, по моето заминување, можеби рокот на дозволата истекол, но јас не сум во Македонија и не сум во можност да барам продолжување на рокот на дозволата за оружјето. Оружјето, заедно со дозволата и муницијата со документи за набавка на истата, пред сѐ за случајно да не дојдат во раце на децата, беа сместени во мал заклучен сеф, користен само за тоа, така што никој друг не можеше да има пристап до истото“, пишува екс-премиерот од Будимпешта.

„Десетици други наслови со лажни вести во режимските медиуми само ми потврдија дека политичкиот прогон и хајката кон мене не само што не запреле туку добиле на интензитет.
‘Пронајдени нови три стана на Груевски’, ‘Груевски имал шест стана’ , ‘откриен стан во Аеродром’, ‘Едниот стан бил на секретарка на Груевски’ и ред други наслови, се дел од обидот за медиумски линч преку пласирање лажни вести во медиуми кои вообичаено пласираат лажни вести за мене, кои веќе престанав и да ги коментирам и демантирам.

Покрај другото, како и во другите случаи на СЈО/ОЈО, обидот е со давање на неточни информации и тези на медиумите, или пак информации кои се службена тајна во истрагите, истите да се претворат во медиумски обвинител а потоа медиумски суд, и во судницата судијата под притисок на медиумите и јавноста да нема избор освен да донесе осудителна пресуда и така да ги задоволи власта, контролираните од власта медиуми и јавноста доведена во заблуда.

‘Секретарката на Груевски’ преку ноќ се трансформира во ‘секретарка на некој бизнисмен близок на Груевски’. А не се пишува дали таа секретарка и тој бизнисмен воопшто се познавале со мене во тоа време.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Не ни очекувам да кажат какви упади, инспекции и уцени се правени врз многу бизнисмени и други лица, дел од нив и кои не ги познавам, за да се принудат да станат алатка на прогонот кон мене“, обвинува Груевски.

Тој реагира и за споменатите уметнички слики. Тврди дека сите му биле пријавени во анкетниот лист и речиси сите се од домашни автори и со ниски цени, од поголем дел ги добил, како што вели, како поклони за свадба.

Според Груевски, не е точно ни тврдењето дека властите/институциите обезбедиле вербални и материјални докази против него за овој случај. Тој тврди дека материјални докази не постојат (во спротивно бара нивно објавување), а за вербалните докази вели дека можеле да бидат обезбедени преку уцени на лица и нивно принудување на лажно сведочење, при што доведена во прашање била нивната слобода.

„Ова што прават е по теркот на 1949та година и потсетува на филмот ‘Среќна нова 49та’. Дури одат и дотаму дека непосредно пред да заминам сум потпишал договор за закуп на двата стана за да не плаќам закуп, а не објаснуваат дека согласно тој договор извршена е инвестиција во тие изнајмени станови која одреден период се одбива од ратите за закупот и тоа е во време кога сѐ уште немав правосилна пресуда на судот и сѐ уште се надевав на правда, па сите планови ми беа поврзани со мојот дом“, пишува понатаму Груевски.

Тој очекува она што го нарекува „хајка“ против него, да продолжи.

„Сега очекувам со денови и недели, па и со месеци, медиумите блиски на власта по стотици пати да ги повторуваат лажните вести во специјални емисии на темата, во вестите, преку изјави на платени аналитичари и новинари под контрола или платени од власта, квази експерти, преставници на дел од НВО и други апологети на режимот на власт.

Репресивните органи на власта за жал веќе оддамна се претворени во општински организации на СДСМ кои исклучиво се занимаваат (освен во случај на јавен притисок, како на пример во случајот ‘Рекет’) со прогон на неистомислениците на власта и наместо опстанок на власта со работа, дела, реформи и резултати, нивната борба е преку политички прогон. Правда со оваа власт нема и нема да има. Мир барем засега има. Но, со репресија, втерување страв кај народот, со прогони, апсења, претреси, истраги, монтирани обвиненија, нарачани пресуди, контрола на судиите, хајки по политичари, бизнисмени, новинари, но и по обични незадоволни граѓани.

Во моето живеалиште во Скопје не исклучувам нов упад, затоа што од она што сум информиран, постојано кружат преставници на МВР во цивил, а дел од нив и снимаат“, пишува Груевски.

- Реклама -