Корисниците на Џи-меил би можеле наскоро да добијат надградба за која долго време сонуваа. Според најновите информации, „Гугл“ подготвува значајна промена што ќе овозможи менување на корисничката е-мејл адреса. Досега, еднаш создадената @gmail.com адреса беше трајна, а оние кои сакаа ново име мораа да отворат сосема нов профил — но тоа би можело да се промени.
Оваа новина прва ја забележа редакцијата на порталот 9to5Google, која откри документ за поддршка со детали за функционирањето на новиот систем. Клучната карактеристика е тоа што сите е-мејлови испратени на старата адреса автоматски ќе бида пренасочени на новата. Оваа опција ќе биде особено корисна за сите кои создале профил во минатото и во моментов не се задоволни со своето старо корисничко име или им се променети околностите.
Како функционира оваа промена? Во документот за поддршка, „Гугл“ ги објаснува деталите: „Е-мејл адресата поврзана со вашиот Гугл-профил е онаа што ја користите за најава на Гугл-услугите. Оваа адреса ви помага и на другите да го идентификуваат вашиот профил. Доколку сакате, можете да ја промените вашата е-мејл адреса на Гугл-профилот што завршува на gmail.com во нова адреса што исто така завршува на gmail.com.
Ќе примате пораки и на старата и на новата е-мејл адреса. Податоците зачувани на вашиот профил, вклучувајќи фотографии, пораки и е-мејлови испратени на вашата стара адреса, нема да бидат изменети.“
Што се однесува до времето на пристигнување на надградбата, за сега нема официјални информации кога оваа нова опција ќе биде достапна за корисниците или во кои региони прво ќе биде активирана. Интересно е што информацијата од „Гугл“ моментално се појавува само во документ на хинди, што укажува на можноста дека корисниците во Индија први би можеле да ја добијат оваа функција. Очекувањата се дека „Гугл“ наскоро ќе објави повеќе детали, па следете ги новостите доколку не сте задоволни со вашата сегашна е-мејл адреса и сакате да ја промените.




