Највозбудливиот дуел во овогодинешниот плејоф на Лигата на шампионите без сомнение е оној меѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити, екипите што ги освоија претходните две изданија на ова престижно натпреварување.
Во првиот натпревар одигран во Англија, „Кралскиот клуб“ забележа победа од 3-2, што доведе до тоа стратегот на „Граѓаните“, Пеп Гвардиола, претходно да изјави дека шансите на неговиот тим за продолжување понатаму се минимални, сведени на само еден процент. Сепак, подоцна ја промени таа изјава.
„Не бев искрен кога реков дека имаме само еден процент шанси, првпат во кариерата признавам дека сум дал неточна изјава. По поразот од 3-2, ретко кој би верувал во наш успех.Овој резултат не е совршен, но верувам дека можеме да дојдеме до посакуваниот епилог. Добро ги познаваме нашите квалитети и не ми е потребно Карло да ми каже било што пред натпреварот“, изјави Гвардиола на прес-конференцијата.




