Хабек: Не сите земји на ЕУ се подготвени за ембарго на руската нафта

Сѐ уште нема договор за ембарго на нафта против Русија во рамките на Европската унија, изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек.

Германија ќе поддржи ембарго на нафта, но „другите земји сѐ уште не се подготвени“, рече тој по состанокот со здруженијата на средни компании во Берлин.

Хабек рече дека ембаргото нема да ја остави Германија неповредена и дека ќе има високи скокови на цените. Префрлувањето може да значи и привремени дефицити, додаде министерот, мислејќи на рафинеријата во Швед во близина на границата со Полска, која е под контрола на руската државна компанија Роснефт.

Меѓутоа, ембаргото повеќе не значи дека Германија се лизга во „нафтена криза“, јави ДПА.

Дека Германија го поддржува и е „за“ ембарго на руската нафта, денеска повтори и германската министерка за надворешни работи – Аналена Баербок. Германија сега е „подготвена“ да се снаоѓа без руска нафта неколку години, изјави таа за јавната телевизија АРД.

Прочитајте и:  Анкета на Галуп: Над половина од Украинците сакаат крај на војната со преговори што поскоро, опаѓа оптимизмот за членство во ЕУ и НАТО

„Новите договори за снабдување со нафта значително ја намалија зависноста на Германија од Русија“, потенцираше шефицата на германската дипломатија.

Според германската влада, уделот на руската нафта што се користи во Германија се намалил од 35 на 12 отсто во период од само неколку недели. Со германското „да“ за ембаргото за нафта, расте притисокот врз преостанатите земји-членки на ЕУ за кои се сметаше дека ја одолговлекуваат дискусијата. На посебен состанок во Брисел денеска министрите за енергетика на ЕУ ќе разговараат за прекинување на руската испорака на гас за Полска и Бугарија.

Извор: МИА

- Реклама -