Нападот врз Израел, како што објави Хамас, е одмазда за смртта на лидерот на либанската група Хезболах, Хасан Насралах, политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, како и на високиот командант на иранската исламска револуционерна гарда, Абас Нилфорушан
Палестинската милитантна група Хамас, која се бори против Израел во Газа, го поздрави денешниот ракетен напад на Иран врз израелска територија.
Нападот врз Израел, како што објави Хамас, е одмазда за неодамнешната смрт на лидерот на либанската група Хезболах, Хасан Насралах, политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, како и на високиот командант на иранската Исламска револуционерна гарда, Абас Нилфорушан.
„Им честитаме на херојското лансирање ракети извршено од Корпусот на Исламската револуционерна гарда во Иран, на широки области на нашите окупирани територии, како одговор на континуираните злосторства на окупацијата против народите во регионот и како одмазда за крвта на хероите на нашата нација“,
објави Хамас по денешниот ирански напад врз Израел.
Политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, беше убиен во Техеран во јули годинава.
Пред неколку дена, пак, беше убиен лидерот на либанската милитантна група Хезболах, Хасан Насралах. Израел потврди дека стои зад нападот, велејќи дека „Насралах веќе нема да може да го тероризира светот“.
Израел денеска беше цел на ирански ракетен напад. Според првичните проценки на израелските служби, истрелани се околу 180 проектили. Засега не е јасно и за какви ракети станува збор бидејќи иранските ракети се појавија релативно брзо над небото на Израел откако беше издадено предупредувањето за наоѓање засолниште.