Хамас повика на ескалација на сите фронтови

Портпаролот на вооруженото крило на Хамас, бригадите Ал-Касам, повика на ескалација на сите фронтови во телевизиски говор по повод 200 дена од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа на 7 октомври 2023 година.

Во видеото објавено синоќа од Ал Џезира, Абу Убаида го пофали нападот на Иран врз Израел на 13 април, велејќи дека директните напади со дронови и ракети „поставуваат нови правила, повлекоа важни паралели и ги збунија непријателот и оние што стојат зад него“.

Тој повика и на ескалација на Западниот Брег и во Јордан, велејќи дека тоа е „еден од најважните арапски фронтови“.

– Го повикуваме јорданскиот народ да ги засили своите акции и да го крене својот глас, рече тој.

Абу Убаида рече дека Хамас останува на барањата што ги постави на разговорите за прекин на огнот, односно бара Израел да ја прекине воената офанзива, да ги повлече своите сили од Појасот Газа, да им дозволи на раселените да се вратат во северниот дел на Газа и да ја укине блокадата.

Прочитајте и:  ОН: Израелските доселеници протерале над 1.720 Палестинци од Западниот брег

Во меѓувреме, Израел вчера ги засили нападите низ Појасот Газа, рекоа жителите, додавајќи дека тоа било едно од најлошите гранатирања во последните неколку недели. Армијата нареди нова евакуација на северот од палестинската енклава, предупредувајќи ги цивилите дека се наоѓаат во „опасна борбена зона“.

Во објава на X, портпаролот на израелската армија Авичај Адраи ги повика жителите на четири зони во Беит Лахиа во северниот дел на Појасот Газа да се преселат во засолништа во две одредени области.

Новото гранатирање и бомбардирање на северниот дел на Појасот Газа доаѓа речиси четири месеци откако израелската армија објави дека ги повлекува своите војници, тврдејќи дека Хамас повеќе не ги контролира областите.

Израел, исто така, овој месец повлече поголем дел од своите сили од јужниот дел на Појасот Газа. Но, обидите да се постигне прекин на огнот не успеаја, а израелските бомбардирања и упади на територијата од која војниците се повлекоа го отежнуваат враќањето на раселените во своите домови.

- Реклама -