Харадинај: Ги известив сите, тоа е суверена одлука на Косово

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај соопшти дека ја известил високата претставничка на ЕУ – Могерини, како и сите амбасадори во Приштина, за причините за зголемување на царината за производите од Србија и БиХ.

 

Во холот на косовскиот парламент, Харадинај за новинарите изјави дека тукушто пратил писмо до сите амбасадори и шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Приштина – Наталија Апостолова, која писмото ќе ѝ го предаде на шефицата на европската дипломатија – Федерика Могерини.

„Тоа е суверена одлука на Косово донесена во одбрана на сопствените интереси. Тоа го направивме поради тоа што Србија не ги почитува трговските договори со Косово, наметнува блокади за нашите производи и продолжува со агресијата кон Косово“, изјавил Харадинај за приштинските медиуми.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

Во меѓувреме, на вонредната седница на косовскиот парламент, Харадинај рече дека таксата од 100% нема да биде сведена на нормала сé додека Белград не ја признае косовската независност и не запре агресијата кон Косово.

„Само признанието на независно Косово од српската држава може да ја намали царинската такса“, рекол Харадинај на седницата на косовското Собрание, истакнувајќи дека само со санкции е можно да се добие признавање од Србија. „Без ваков пристап, невозможно е да се постигне меѓусебно признавање, ниту може да се постигне обострано прифатлив договор“.

 

- Реклама -