Хил: Сакаме да ја видиме Србија како сојузник во НАТО, кога тоа ќе го посакаат нејзините граѓани

Белград, 11 август 2022 (МИА) – Американскиот амбасадор во Белград – Кристофер Хил, изјави дека НАТО јасно ставил до знаење дека доколку сака Србија може да стане дел Алијансата, но нагласи дека тоа ќе се случи кога тоа ќе го посакаат нејзините граѓани.

„Ние имаме голема почит за Србија, нејзината армија и нејзиното раководство и би сакале да ја видиме Србија не само како пријател и партнер, туку и како сојузник“, рече Хил како одговор на едно од прашањата што до него ги поставуваа граѓани преку социјалните мрежи.

Зборувајќи за дијалогот меѓу Белград и Приштина и опасноста од конфликт, Хил изрази уверување дека „има многу поголема можност за вистински напредок во дијалогот отколку за проблеми“.

„Очигледно е дека Белград и Приштина треба да направат повеќе во решавањето на спорните прашања. Имаат доста добри посредници од ЕУ, а и САД се многу активни. Едвај чекам да видам некаков напредок и мислам дека сите можеме да се заложиме за тоа и да се погрижиме сите да бидат на ниво на задачата и да гледаат напред“, додаде тој.

Прочитајте и:  Руте ја назначи Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО

Коментирајќи го фактот дека Србија е единствената европска земја што не сака да воведе санкции кон Русија, Хил рече дека е очигледно дека Србија има поинаков однос кон санкциите кон Русија од САД и нејзините европски партнери.

„Но, мислам дека е важно да се концентрираме на работите за кои се согласуваме и да се обидеме заеднички да одиме напред“, додаде тој.

Запрашан зошто САД го поддржуваат интегритетот на Украина, но не и на Србија, Хил рече дека ситуацијата во Украина е сосема поинаква и тешко споредлива.

- Реклама -