Холанѓанец на суд, сака да си ја смени возраста во 20 години помлад

Емиле Рателбанд – медиумска личност и „гуру по позитивност“, поднел барање до судот во Арнхем со кое сака да стане 20 години помлад. Вели дека не се чувствува удобно со неговата вистинска возраст и затоа сака легално да ја смени од 69 на 49 години.

Својата желба Рателбанд ја споредува со луѓето кои се идентификуваат како трансродови лица. Вели дека живееме во време кога можете да си го смените името и полот, тогаш зошто да не може тој да си ја смени возраста?

Рателбанд е спремен да се откаже дури и од пензијата. Вели дека бришењето на две декади од неговата „актуелна возраст“ за него би имало огромен позитивен импакт врз сите аспекти на неговиот живот.

„Кога имам 69 години, јас сум ограничен. Кога имам 49, можам да купам нова куќа, да возам друга кола, да работам повеќе. Кога сум на Тиндер (за постарите што не знаат: апликација за запознавање) и пишува дека имам 69, никој не ми одговара. Кога ќе имам 49, со моето лице, ќе бидам во многу полуксузна позиција“.

Рателбанд води случај против локалните власти откако одбиле легално да му ја сменат датата на раѓање од 11 март 1949 во 11 март 1969 година – случај што предизвика доста контроверзи во Холандија, ама и пошироко.

Прочитајте и:  Германија усвои закон со кој се овозможува административна промена на пол и име еднаш годишно

И судиите делумно се согласуваат дека барањето држи – како пример посочуваат дека до пред некоја година легалната промена на полот била сметана за невозможна, па ете, во денешно време е честа во многу од развиените земји. Од друга страна, се плашат дека промена на возраста предизвикува многу прашања и потенцијални проблеми – на пример, што со 20-те години што ќе бидат избришани?

„Тогаш, кого чувале и растеле твоите родители? Кое било тоа мало момче?“, еден од судиите го прашал Рателбанд, на што овој ладнокрвно и кратко одговорил дека тоа нема да биде проблем бидејќи неговите родители се починати.

„Се работи за слободна волја“, му рекол Холанѓанецот на судот, додавајќи дека се чувствува дискриминиран поради својата возраст. Потенцира дека компаниите се скептични околу вработување на 69-годишен пензионер како консултант, додека кога би имал 49 години, би имал многу подобри шанси за вработување.

Во обид да ги убеди судиите, Рателбанд се опишал себе си како „млад бог“ и истакнал дека медицинскиот преглед покажал дека неговата биолошка старост е всушност 45 години.

„Направив медицинска проверка и што покажа? Дека мојата биолошка старост е 45 години“, рекол човекот.

Одлуката на судот се очекува во следните четири недели.

Повелете видео, чисто да го видите младичов (ако разбирате холандски е бонус):

- Реклама -