Хоук: Ја поздравувам одлуката на Федералниот суд за укинувањето на визата за Ѓоковиќ

Мелбурн, 16 јануари 2022 (МИА) – Австралискиот министер за имиграција, Алекс Хоук, денеска ја пофали одлуката на австралискиот Федерален суд, со која се потврди неговата претходна одлука да му ја одземе визата на тенисерот Новак Ѓоковиќ, изјавувајќи дека одлуката е донесена за да се зачува безбедноста на австралиската заедница.

-Ја поздравувам денешната едногласна одлука на австралискиот Федерален суд, која ја потврдува мојата одлука да ги искористам моите овластувања, според Законот за миграција, за да му ја одземам визата на Новак Ѓоковиќ, поради јавен интерес, изјави Хоук.

Австралискиот Федерален суд денска ја потврди одлуката на Хоук за укинување на визата на Новак Ѓоковиќ, згаснувајќи ги надежите на невакцинираната тениска суперѕвезда за освојување на Австралија Опен и рекордни 21 машка гренслем титула.

Одлучувајќи за случајот што со денови доминира во австралискиот јавен живот и во светот на спортот , советот на Федералниот суд составен од тројца судии денеска ги слушна аргументите од владините адвокати дека континуираното присуство на Ѓоковиќ во земјата може да ги зајакне чувствата против вакцинацијата за време на најлошиот бран на Ковид-19 од почетокот на пандемијата во Австралија.

Прочитајте и:  Во Австралија нема да има потреба од давање на лични податоци на социјалните мрежи

Лекарското ослободување што му овозможи на српскиот тениски шампион да влезе во земјата без вакцинација, предизвика бес во Австралија и стана политичко прашање за премиерот Скот Морисон, кој мора пред мај да распише федерални избори.

-Силната политика за заштита на границите на Австралија нè сочува за време на пандемијата, што резултираше со една од најниските стапки на смртност, најсилното економско закрепнување и највисоките стапки на вакцинација во светот. Силната политика за заштита на границите, исто така, е фундаментална за зачувување на социјалната кохезија на Австралија која продолжува да зајакнува и покрај пандемијата, изјави Хоук.

- Реклама -