Некогаш е тешко да се поверува дека некоја светска икона не пристигнала на светов во полн пакет, како оној што на сите ни е во главата кога ќе се спомне некое големо име. Токму тоа се случува кога човек ќе го погледне овој многу ран, можеби и прв (не е верификувано) телевизиски настап на легендарниот тенор Лучијано Павароти.
Во овој архивиран клип од Советската телевизија, идната оперска суперѕвезда има малку сличности со Павароти што ние го знаеме, ама талентот и веѓите се тие. Годината е 1964-та, само три години по неговото професионално деби во една регионална италијанска оперска куќа, каде што го играше главниот лик (Родолфо) во La Boheme. Тоа беше и годината по неговото прво поголемо достигнување, кога заедно со Џоан Сатерленд пееше (и беше пратечки вокал) на нејзината австралиска турнеја. Големиот Павароти сé уште беше „во изградба“.
Видео-клипот од неговата смела изведба на „La Donna e Mobile“ од Вердиевата „Риголето“ во целост го истакнува сиот потенцијал на тогаш 29-годишниот глас и остава големо ветување за иднината, ветување кое и те како беше остварено.
На видеото подоле ќе го видите контрастот помеѓу двајцата Павароти, овој вториов во филмската верзија на операта (на Жан-Пјер Понел) од 1982 година. Овој вториов е попрефинет, самоуверен и со многу помалку потреба за докажување. Песната останува иста, докажувајќи дека големината на Павароти никогаш не била под знак прашање.