Иако Џафери „не се залага доволно за албанскиот јазик во Собранието“, албанската опозиција нема да поддржи негова смена

Алијанса за Албанците има многу забелешки за работата на претседателот на Собранието – Талат Џафери, и смета дека постојано се крши Уставот, но и покрај тоа нема да ја поддржи интерпелацијата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, која ја поднесоа откако Џафери во Европскиот парламент се обрати на албански јазик, иако во меѓународна употреба официјален е само македонскиот.

Иако според ВМРО-ДПМНЕ и Левица веќе некое време постои тренд во Собранието на истиснување на македонскиот јазик во полза на албанскиот, Алијанса, впрочем, има сосема спротивен проблем со Џафери:

„Нашите забелешки се дека Џафери не се залага доволно за употребата на албанскиот јазик во Собранието“, вели пратеникот Халил Снопче во изјава за „Плусинфо“.

„Доцнат преводите од стручните служби, албанскиот јазик во Парламентот се употребува како преведен јазик, во службите нема вработен Албанец за да ги прима амандманите. Се соочуваме со апсурдна ситуација; Јас како пратеник Албанец кога поднесувам амандман службите не го примаат на албански јазик, па прво мора од албански да го преведам на македонски, па службите потоа повторно го преведуваат на албански јазик. Не можам како пратеник Албанец материјалите да ги доставам само на албански јазик“, објаснува Снопче.

И Алтернатива нема да поддржи смена на Џафери, но со објаснување дека Џафери, „колку и да згрешил, не направил кардинална грешка“ за тоа да биде причина за негова интерпелација.

„Во принцип секогаш сме против мнозинството, но овојпат причината за интерпелацијата нема да ја поддржиме. Колку и да згрешил, не направил кардинална грешка за тоа да биде причината за негова смена. Тој зборувал на еден од службените јазици во државава. Уставот е прекршен во 100 други работи. Не сметаме дека таа причина е толку голема за да се издигне на ниво на скандал“, велат од Алтернатива, пренесува „Плусинфо“.

- Реклама -