Со растот на цената на енергијата и светските економии кои туркаат кон обновливи алтернативи и технологии, постои и комерцијален притисок да се произведува енергија што е можно поевтино и „позелено“. Како последица, се истражуваат секакви можни нови потенцијални извори на енергија.
Во теорија, речиси сé може да биде изгорено и да се користи како гориво. Сепак, за еден алтернативен извор на енергија да доживее широка примена и да биде ефективен во големи размери, мора да задоволува одредени критериуми. Мора да создава повеќе енергија отколку што е потребно за нејзино производство, и мора да е поевтин од актуелните технологии. Исто така, ресурсот мора да биде и масовно достапен во големи количини, како и да произведува минимум количина на загадување.
Играјќи во овие тесни рамки, научниците неретко доаѓаат до луди идеи, кои во теорија сепак нудат „чиста“ енергија и алтернатива на фосилните горива. На пример, нели ќе биде супер да правиме гориво од употребени пелени? Или од мртви мачки? Чекај, мртви мачки?
Биоетанолот и биодизелите веќе се во производство. Но да видиме дел од идеите што „не виделе бел ден“.
Мртви мачки
Ајде да почнеме од тука. Замисли да ја погонуваш колата на мртви мачки. Можно ли е? Лично ти, би ли?
Еден германски весник во 2005 објави баш таков извештај. Приказната зборува за иноватор кој развил горивен систем напојуван од ѓубре, вклучително и мртви мачки. Приказната доби на популарност, а медиумите особено милуваа да цитираат дека се потребни 20 мачки за гориво. Како и кај другите чудни стории, и во оваа имаше дел вистина. Д-р Кристијан Кох навистина создал машина што конвертира ѓубре (хартија, пластика и градинарски отпад) во биодизел. Делот со мачките, од друга страна, делот со мачките беше комплетна „иновација“ на медиумите.
Машината на Кох – KDV 500, може, тврди тој, да конвертира ѓубре во гас со многу голем „попуст“ во споредба со конвенционалните горива. Светот уште чека на нејзината имплементација.
Полни пелени
Можеби идејата е еднакво одвратна како мртвите мачки, ама пелените всушност можат да бидат одличен извор на гориво. Додуша којзнае како би било да живееш во близина на таква централа.
Како и да е, можно е да се конвертира ѓубре во горивен гас и нафта со многу малку загадување, преку процес наречен пиролиза. Разликата од класичниот метод е што материјалите се загреваат во запечатена комора без кислород. Процесот ги разложува молекулите и создава условно корисни нуспродукти.
Можат ли пелените да се добар кандидат за пиролиза? Да. Ги имаме во големи количини и практично се обновлив извор. Бебињата, од друга страна, се задолжени за „збогатување на содржината“. Притоа, пелените се релативно лесни за собирање и сепарирање од остатокот од отпадот. Исто така, скоро секогаш се многу слични по состав. Композицијата од пластика, ткаенина и бебешки „адитиви“ може да е од голема вредност.
Можеби е паметно уште од сега да почнете да ги собирате. Една енергетска компанија во Квебек, Канада, планира да ја тестира оваа технологија. Држете ѝ среќа (и затнете си ги носовите).
Соларна боја
Што ако некој ви сугерира дека можете да ги напојувате сите електронски апарати со боја? Ако ја споредите цената на бојата со цената на фосилните горива по барел, математиката никако не излегува исплатлива. Ама финтата е што ова не е обична боја, и не ја горите. Се работи за специјална соларна боја што собира енергија од сонцето.
Универзитетот во Сванси работи баш на таква боја, која во основа е соларна панелка што се мачка. Не на леб, ама на челик, кој потоа може да се додаде на објектите и зградите. Интеракцијата на сончевата светлина со бојата и челичниот панел под неа креира струја која може да биде собрана и користена.
Со оглед дека во тој случај би имало многу расположлива површина, дури и со скромна стапка на конверзија од 5%, соларната боја би можела да произведува енергија колку 50 ветерни фарми само на ниво на Британија. Во пресметката е вклучено дури и колебливото британско сонце, а замислете кои би биле импликациите околу Медитеранот или во Африка.
Очигледно не се само во Сванси заинтересирани за соларна боја.
PS. Извинете ако заради насловната слика очекувавте нешто со кашкавал и морков. За такво нешто, барем ние, немаме слушнато.