ИДФ: Соодносот од двајца убиени цивили на секој милитант на Хамас е „исклучително позитивен“ во споредба со секој друг сличен конфликт

Соодносот на двајца убиени палестински цивили во Газа со секој милитант на Хамас е „исклучително добар“ со оглед на тоа што борбите се водат во урбаните области, изјави портпаролот на израелските одбранбени сили Џонатан Конрикус.

Си-Ен-Ен пренесува дека изјавата на полковникот Конрикус следеше по вчерашните тврдења на медиумите во оваа земја, кои цитираа високи израелски воени претставници, дека во Газа се убиени двајца цивили за секој милитант на Хамас.

Портпаролот на армијата вчера за Си-Ен-Ен кажа дека може да го потврди пишувањето на медиумите.

„И можам да кажам дека ако тоа е вистина, и мислам дека нашите бројки ќе го докажат тоа,  ако го споредите тој однос со кој било друг конфликт на урбан терен меѓу војската и терористичка организација која користи цивили како свој жив штит, а е имплементирана меѓу цивилното население, ќе видите дека овој сооднос е многу голем, исклучително позитивен и можеби единствен во светот“, нагласи Конрикус.

Прочитајте и:  Хезболах: Остануваме активни во Либан за да им помогнеме на граѓаните

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во саботата на прес конференција кажа дека војската убила „илјадници терористи“, пренесе Си-Ен-Ен.

Палестинското Министерство за здравство, во Газа, што е под контрола на Хамас, вчера соопшти дека во израелските напади, што почнаа од 7 октомври, досега во Газа се убиени 15.899 Палестинци, без да прецизира колку меѓу нив се цивили, а колку борци на милитантните групи.

МИА

- Реклама -