Игор Јуриќ за убиството на Вања Ѓорчевска: Нејзиниот случај потсетува на ќерка ми, животниот век во вакви случаи е до четири часа

Во серијата написи во српските медиуми, каде грабнувањето и трагичното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски е на сите насловни страници, се огласи и Игор Јуриќ од Центарот за исчезнати и малтретирани деца, татко на убиената Тијана Јуриќ (15) на сличен начин, кој оцени дека животниот век на детето во вакви случаи обично е до четири часа живот, јави дописникот на МИА од Белград.

Игор Јуриќ за ТВ Нова откри како го следел овој случај со оглед на тоа што имало голем интерес и контакти од македонските медиуми и дали можел да понуди некоја конкретна помош.

-Се обидов во неколку наврати пред се да стапам во контакт со мајката на Вања и да поразговарам со неа и да видам како можеме да пружиме помош. За жал, не успеав и сега ми е уште потешко поради тоа. Имаше секако интерес на македонските медиуми, пред се нивните интереси се сведуваа на системот што неодамна го воведовме кај нас во Србија поврзан со брза и ефикасна потрага и известување на јавноста во случајот со исчезнати деца и тоа беше тоа. За жал, имав можност да се информирам исклучиво како огромното мнозинство граѓани на Србија преку медиумите, рече Јуриќ и додаде дека случајот на Вања потсетува на оној на неговата Тијана (15), киднапирана, силувана и убиена пред 9 години.

Прочитајте и:  Сослушан возачот што го превезе Палчо до Турција, Кешишов го сменил првичниот исказ

Тој верува дека има многу сличности и дека она што е речиси идентично со случајот на неговата ќерка е тоа што кога станува збор за криминално киднапирање, постои една статистика која е целосно незапирлива.

-Тоа е дека животниот век на детето обично е до четири часа живот и тоа се покажа и во случајот со ова девојче, колку што можам да заклучам дека многу брзо го загубила животот во истиот ден од моментот кога била киднапирана. Така беше и со нашата Тијана и затоа таа брза и ефикасна потрага е повеќе од важна, изјави Јуриќ од Центарот за исчезнати и малтретирани деца.

МИА

- Реклама -