Икар на старо Скопје од Славко Јаневски

Икар на старо Скопје

Славко Јаневски
Славко Јаневски

Да се сетиме на Парго од Црниче.
Не ќе му крене паметник Скопје.

А и зошто би.

Рамно пред пет децении
со штици од ограбена ограда
со завртки и пердуви
аероплан направи.

Неранимајко,
му се потсмеваа виличави,
лебот за ништо го јадеш.

Тој –
тоа па тоа.
Малоумен умник ко секој сонувач.

Но еден ден го снема
чиниш би сон од клепка распливнат.

Едни – Го затвориле.
Други – Го закопале.
Неграмотниците не знаеја:
лета Парго во височини,
меѓу галаксии
коловози ни постила
лево и десно,
без свиоци.

Од збирката Астропеус, 1980

- Реклама -