IKEA ќе гради необична зграда во Виена

Во центарот на Виена, на популарната улица Mariahilfer Straße, во наредниот период ќе се гради уникатна иновативна зграда на шведскиот производител на мебел IKEA. Ќе биде поинаква од сите други салони на IKEA во светот, и не само по изгледот.

Виенските архитекти осмислиле посебен надворешен изглед на зградата; на таканаречената мрежеста фасада ќе има наизменично отворени и затворени елементи, за да можат на сите нивоа да растат дрва и друго зеленило. На секоја страна од објектот, соодветно на осветлувањето, ќе бидат вградени и озеленети елементи на фасадата. Предвидени се и зелени перголи и површини во сенка, како и помали површини со разни намени. Излозите ќе бидат отворени и светли.

Целта на овој салон е да се претвори во атрактивно место за средби, а истовремено да се запази и концептот на самоодржливост. Уште една карактеристика во тој правец е што купувачите ќе можат да ги пробаат сите артикли на лице место – како и досега, но ќе се купуваат само оние артикли кои можат да се пренесат во метро, на точак или пешки. Сé друго ќе биде нарачувано преку интернет.

Причината за тоа е поинаквото однесување и мобилноста на потрошувачите, особено во Виена. Во внатрешноста на градските окрузи, имено, луѓето ретко поседуваат автомобили, а повеќе користат јавен превоз и велосипеди.

Што се однесува до купувањето, тие сакаат сé да испробаат, опипаат и да тестираат, но големите купени нешта не сакаат сами да ги носат дома, и преферираат да им се испорачани на куќна адреса. А салонот на IKEA во Виена токму тоа ќе го прави. Притоа, објектот нема паркинг, бидејќи како што објаснивме, нема потреба.

 

- Реклама -