Во светот на видеоигрите и конзолите некогаш ги имало соперничките „Рату”, „Нинтендо“, „Сега“, „Сони“ и „Мајкрософт“, а денес сите тие си го најдоа своето место на сцената и на пазарот… Имено, и „Плејстејшн“ (PlayStation) и „Пи-си“ (PC) суверено владеат со своите „царства“ во тој свет во којшто, реално, нема веќе вистинска конкуренција, натпревар и надмудрување.
Според познавачи, во таа трка, се чини, единствено отскокнува „Икс-бокс“ (Xbox) на „Мајкрософт”, чиишто потези предизвикуваат чудење. Последното покачување на цените на „Гејм-пас“ (Game Pass) начинот на плаќање на игрите, само ги натера новинарите да прашаат „Како е ова исплатливо?“, пишува порталот „Индекс“.
Дополнително, самиот „бизнис-модел“, според познавачите, е штетен за развојните тимови, кои не се мотивирани за поголеми проекти, туку сѐ почесто се сосредоточуваат на помали потфати, со што се уште еден чекор зад „соперниците“.
По сѐ, изгледа дека „Икс-бокс“, доколку продолжи по оваа патека, со својот начин на плаќање би можел да стане целосно функционална стрим-услуга, т.е. продавница за видеоигри, којашто не зависи од матичната конзола, туку нуди услуги поврзани со сите платформи за игри.
Од друга страна, пак, тоа не мора да е лош потег, но нивната стратегија е премногу нејасна и импровизирана, така што се добива чувство оти се менува од ден на ден. Одговорниот човек на „Икс-бокс“, Фил Спенсер одамна го најави овој потег, но со сите тие „промени во од“, веќе не се знае дали платформата воопшто сака да биде своја платформа, дали има некаква надеж за создавање свој мал пренослив уред како „Стим-дек“ (Steam Deck) итн.?
Според познавачите, и тоа би било одличен потег за „Икс-бокс“, но во сегашната состојба, тешко е да се каже дали раководителите воопшто се заинтересирани за нов хардвер.
Реално, тешко е да се погодува колку луѓе ќе бидат заинтересирани да плаќаат преку „Гејм-пас“ исклучиво за стара содржина, посебно ако новите наслови не се особено силна страна.