Илинденски концерт крај Вардар во Гостивар во предвечерието на големиот празник

Чествувањето на 2 Август, Илинден во Гостивар започна вечерва со концерт во знакот на македонскиот мелос и традиции. Настанот се одржа во Летниот амфитеатар крај Вардар, а празничната програма беше исполнета со настапи на млади фолклористи и музичари.

Домаќин на одбележувањето беше гостиварското културно-уметничко друштво „Браќа Ѓиноски“.

„Благодарам на сите што сте присутни на овој настан во чест на значајниот македонски празник Илинден. Посакувам уште многу години и уште помасовно да го прославуваме овој празник, кој во својата суштина го има исполнувањето на вечниот сон за слободна и суверена Македонија.“, рече во поздравниот говор Предраг Ристески од ГАКУД „Браќа Ѓиноски“.
Пред публиката со сплетови македонски ора се претставија членовите на друштвото домаќин, како и гостите играорци на КУД „Брвеница“, додека свој настап имаа и неколку локални музички изведувачи.

Одбележувањето се реализираше со поддршка на Министерството за култура, Општина Гостивар и приватни компании.
Прославата на Денот на Републиката, Илинден во Гостивар продолжува утре, со свечен собир и положување цвеќе пред споменикот на паднатите борци во НОВ.

Централните чествувања за 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република на државно ниво се утре, 2 август. Почит ќе им биде оддадена на претседателот на Крушевската Република Никола Карев, на неговото вечно почивалиште во Македониумот, на загинатите борци кај месноста Слива, а во нивни спомен ќе се одржи и панихида во крушевската црква „Свети Никола“.
 

Извор